Дизајнерката Ирина Тошева на вчерашната модна ревија на деветтото издание на „Моден викнед-Скопје“ ни покажа како би изгледала една модна прошетка во некој стар гардеробер. Таа претстави облека што потсетува на 60-тите и 70-тите години од минатиот век, превземајќи неколку карактеристични елементи од тој период – интензивни бои и впечатливи графички дезени. Ретро расположение има и во кроевите, што се забележува кај звонестите панталони, фустаните со рамен крој и еднобојните комбинезони, кои дизајнерката успешно успеала да ги преведе за денешно време. Боите се интензивни, има тиркизна, жолта, зелена, боја на лубеница и на циклама, неколку нијанси на розова, а еднобојните парчиња се разбиени со шарени принтови. Тошева продолжува да претставува и машки креации, па и во оваа колеција вметна машки панталони со должина над глужд во комбинација со маици и кошули со ретро јаки.
Главен моден додаток се калеидоскопските кружни очила за сонце преку кои треба да го погледнеме минатото време полно со интензивни бои и шаренило. Дизајнерката со своите колекции редовно успева да допре до публиката, особено онаа помладата, која ги сака и ги купува нејзини креации. Предвидуваме дека едно од најбараните парчиња од оваа колекција на Тошева ќе биде мантилот со графичка шара специфична за 60-тите во интензивна портокалова и боја на циклама. (K.T.; Фото: Stylist.mk)
Нема коментари