Прозрачноста, волуменозноста и „танцувањето“ на ткаенините додека манекенките се движат се клучните елементи на креациите што дизајнерката Елена Спасевска gi претстави за пролет-лето 2014. Таа преку вчерашниот перформанс во рамките на „Моден викенд-Скопје“ ги искажа своите главни креативни интереси – модниот дизајн и креирањето театарски костими, па наместо класична модна ревија претстави перформанс замислен како кабаре кој спојува мода, танц, театар, но на сето тоа додаде и форма на циркус кој го отсликува животот околу нас. Три девојки облечени во светкави костими со реси не реферираа на кабарето од 20-тите, девојката-кловн на циркусот, а тие танцуваа и глумеа додека околу нив поминуваа манекенки облечени во модели од новата колекциј. А за оваа сезона кумановската креаторка предлага широки кроеви и лелеави материјали, транспарентни долги фустани, предимензионирани панталони со урбано-елегантен шмек, палта со деформирани форми наместо ревери, реси и тантела кои се вметнати во креациите. Застапени се најмногу црната и кремавата боја, но се појавуваат и сивите нијанси и принтови во тој тоналитет. Линијата е наречена „Спектакл 2014“ и е поттикната, како што вели дизајнерката, од едно нереално општество во кое спектаклот служи како коплексно оправдување дека лагата всушност е вистина. Исто така ни откри дека колекцијата е составена од дерформирани парчиња облека кои носат идеја на урбано извртување и зголемени форми кои го истакнуваат постоечкиот спектакл во урбанистиката. Има овде доста иронија, нели?
Во креациите на Елена Спасовска често среќаваме пооштри форми и структурален крој, но овојпат облеката е омеканата, органска и понослива од било која друга нејзина колeкција. Иако претставувањето беше замислено како танцов перформанс, на моменти токму танцувањето го отргнуваше вниманието од она најглавното – облеката. Просторот во една од гаражите во коплексот на „Ауди Порше Македонија“ се покажа сосема адектватен избор, како и изборот на музика и театралната шминка на учесниците во перформансот. (K.T.; Фото: Stylist.mk)
Нема коментари