Дванаесеттото издание на Моден викенд-Скопје вчеравечер беше затворено со ревијата на Олгица Ѓоргиева со креации кои се навраќањена авторскиот печат на дизајнерката, а викендов во Музеј на Македонија модната публика ги виде и колекциите на Ирина Тошева, Митко Занов, Робет Ивановски, Кристина Цветковска, турскиот бренд за машка мода Kigili и N by Z од Русија. Ова издание на FWSK беше во знакот на младите автори, соработка меѓу уметници и креатори, микс на секојдневни, младешки изгледи, елегантни, урбани комбинации и вечерна, луксузна мода за силни жени. Претходните денови на FWSK се претставија Јована Филиповиќ, Елена Спасовска, Венера Мустафа и Игор Марков.
Олгица Ѓоргиева
Најновата колекција Just Go официјално го затвори ова издание на Моден викенд-Скопје, модна визит-карта на она што се создава во нејзиното ателје. „Колекцијата е потсетување на она што веќе го имам работено во минатото со видно изменети кроеви, проширени техники на доработка, но со мојот карактеристичен дизајнерски печат . Колекцијата е составена од секојдневни парчиња, венчаница и свечени тоалети изработени од кадифе, жоржет, волница, плетенина. Моите најнови креации се наменети за личности со дефиниран и специфичен вкус кои точно знаат што сакаат “, вели за колекцијата Олгица Ѓоргиева.
Ирина Тошева
Ирина Тошева ја донесе колекцијата на која беа пресликани куќи и пораки испишани на кирилица, полна со точки и куќички од сликите на Ване Костуранов. Модната презентација беше испратена со музиката на „Нокаут“ кои пред публиката песните ги свиреа во живо.„Бои вибрираат по пулсот на еден град, барајќи го својот дом. Улиците по кои секојдневно чекореа го сменија својот ритам и ги натераа во стрмоглава потрага. Бараа дом кој одново ќе го варосаат во нова младост. И не само тој, туку и други. Градеа разнобојни домови за да создадат колективно гнездо на топлина. Погледни! Цела низа куќи само за нас. А од нивните оџаци мириса на љубов бескрајна и свежо пространа облека на утринско сонце“, вели Тошева.
Kigili
Доза на машка мода ни донесе турскиот бренд Kigili Модерен и авантуристички, наменет за самоуверени мажи со динамичен животен стил, брендот „Kigili“ за прв пат се претстави пред македонската публика со уникатна, тренди колекција за сезоната есен – зима 2015/2016. Колекцијата е сублимат од четири различни теми: „Душата на авантуристичкиот патник“, „Урбан номад“ , „Динамичен град“ и „Луксузна машка облека“.
Митко Занов
Митко Занов дебитираше на Моден викенд-Скопје со својата прва авторска колекција наречена „Голата мугра“. Занов за парчињата наменети за актуелната сезона вели „Храбра, авангардна и грациозна се клучните зборови кои ја опишуваат жената, која ме инспирираше да создадам колекција која ќе понуди уникатни, иновативни и квалитетни дизајнерски парчиња облека и модни додатоци, што им дозволуваат на девојки со нескротлива имагинација да го експресираат личниот стил во секојдневниот изглед“.
Роберт Ивановски
По мала пауза на Моден викенд се врати Роберт Ивановски со колекцијата Feelings наменета за сезоната пролет-лето 2016. „Колекцијата е инспирирана од природата и нејзината обоеност, поп културата и моите чувства низ годината. Доминантни бои се белата и зелената, збогатена со абстрактни принтови изработени од младите сликари Бојан Ковски и Елена Чемерска“ , вели дизајнерот Ивановски.
Кристина Цветковска
Дебитантката Кристина Цветковска која стои зад брендот Modelina ја прикажа колекцијата Night in red silk за актуелната сезона есен-зима 2015/16. „Станува збор за колекција која е инспирирана од љубовта, играта и природата, изработена од природна свила во комбинација со сатен штоф и монистра. Црвеното во комбинација со љубовта зачинето со природната свила и играта на монистрата ја прават колекцијата целосна која е погодна за носење во сите пригоди“, вели Цветковска.
N by Z
На Моден викенд се претстави и познатата модна куќа од Москва N by Z со колекцијата Something else составена од фустани, здолништа, блузи и палта за есен-зима 2015/16. „Колекцијата е наменета за жени кои заминуваат во шопинг оптоварени од план и идеја што треба да купуваат. Нашата модна куќа ги спои парчињата и за нив направи избор во кој може да се пронајде секоја жена со стил“, вели дизајнерката Наталиа Злодјарева од N by Z.
Нема коментари