Шик доминацијата на Бобан Илиевски продолжува со уште едно едно комплетно претставување на дизајнерот. Дизајнерот кој креира под името на својата линија Chic Undercowear ја има магичната формула за успешно модно презентирање – тематски добро осмислена колекција, конзистентно следење на сопствениот дизајнерски печат, совршен стајлинг на севкупната ревија преку шминка, фризура, додатоци, музика и кореографија со став. Откако со минатата колекција нè потстети на 80-тите години и златното доба на „Династија“, сега со новата колекција прикажана вчера на пролетното издание на „Моден викенд-Скопје“ нè врати уште малку наназад преку модерна верзија на бохо-шик изгледот кој во разни циклуси е актуелен од крајот на 60-тите, па сè до денес. Шик боемката според на Бобан Илиевски е облечена во пеперутки – таа носи лелеави и долги фустани украсени со принт на шарени пеперутки. Во одредени ситуации оваа шара прави непредвидлив колор блок со друга боја или шара. Пеперутката е главен мотив и се среќава не само на фустаните, туку и на пролетен мантил, како дезен на блуза, ѕирка под транспарентни ткаенини и е дел од модните додатоци. Дизајнерот повторно во колекцијата вметна блузони, кои можеби неочекувано претставуваа триумф од минатата колекција, овојпат имаат интервенција во кројот околу раменици и духовити написи како на пример Chic me baby 1 more time. Како се развиваше колекцијата, се смири шаренилото од пеперутките и Бобан ја прикажа помирна страна на колекцијата преку неколку бели, светло кафени и црни креации. Она што ја прави колекцијата поуспешна е осмислениот стајлинг. Па според визијата на дизајнерот, манекенките носеа турбани на глава, најчесто во бела боја, имаа чанти преку рамо или плик чанти, но и впечатливи очила за сонце и уште повпечатлив накит (сферни алки и златни ланци од кои вискат црни букви, инцијали на дизајнерот, но и оние кои читаат Chic, и се разбира, парчиња со мотив на пеперутка). Автентичен и крајно шармантен, Бобан Илиевски и вчера ја дигна публиката на нозе и заслужено доби најголем аплауз! (К.Т.; Фото: Stylist.mk)
Нема коментари