Модел на фустан што им стои добро скоро на сите жени
Откако дизајнерката Дајан вон Фурстенберг во 70-тите го претстави фустанот на преклоп, еден од најносените модели на фустани омилен меѓу дамите, не стивнува интересот за ова модно парче кое се смета за облека што одговара на секој облик на тело. Универзално ласкави, овие фустани се и удобни и прилагодливи, што значи дека ќе се вклопат во сечиј изглед.
Тајната на универзалноста на овој фустан е во кројот – модел кој се преклопува од предната страна и се врзува околу половината, што умешно ги сокрива некои од недостатоците, но ја нагласува половината и со тоа женственоста и сексапилноста. Затоа се смета дека овој крој одговара на секоја жена без разлика на нејзиниот конфекциски број. Многу често овие фустани имаат длабоко деколте, што дополнително ја истакнува женственоста. Практични се и за трудниците, бидејќи може да се носат подолго време и се прилагодливи на промените на телото.
Овој модел на фустан е безвременски и им пркоси на сите трендови. Еден модел купен пред години, кога се комбинира со современи и трендовски детали, може да се носи и оваа сезона.
Нема коментари