Каков вид на фустан го задоволува бизнис-дрескодот во лето?! Во летните месеци најчесто се греши со претерано разголување, тенки ткаенини, несоодветни кроеви, голи рамења и боси нози, нешта кои не припаѓаат во деловното облекување и секако не во корпоративниот свет. Работата во професии со строг деловен протокол бара смиреност, внимателно одбрана облека и модни додатоци. Кај нас доста модни грешки се прават во одредени делови во администрацијата и бизнис секторот каде што младите девојки на работа доаѓаат како за на вечерно излегување, наместо да одберат пристоен изглед кој секако не значи дека треба да биде конзервативен и досаден.
Најлесната опција за топлите месеци се чини е фустанот. Но не секој фустан е погоден за во канцеларија. Прво и основно, внимателно со разголувањето на рамењата, иако е ова топла сезона, тенките бретели во ниеден случај не се соодветни за во канцеларија – опција се фустаните со пошироки прерамки, внимавајте ракавите да се до крајниот дел од рамото. Слободно внесете боја во деловната облека, ако не ви се јаките бои по мерак или треба да ги избегнете поради дрескодот, одберете на пример светложолта, која е тренд периодов. Шарите не се забранети, но тие треба да бидат ситни, дискретни, и да не го одвлекуваат вниманието од личноста. Нема да згрешите со фустаните на преклоп или кошула-фустаните, тие најдобра ѝ ласкаат на фигурата, и сезонава по продавниците има голем избор на вакви креации. Бирајте модели кои ја нагласуваат силуетата, но никако да не бидат припиени на тело. А ако моделот е поширок дефинирајте го со ремен за да го избегенете ефектот на вреќа. И да, мини фустаните не се дел од деловнот имиџ!
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари