Кандидатките на натпреварот „Број еден модел на светот” (No1 Model of the World) што се одржа во саботата во „Шпиелбанк театрот“ во Берлин, Германија, носеа свечени фустани од македонскиот креатор Ненад Секирарски. Во конкуренција од 15 учеснички од голем број земји од светот беа избрани седум девојки, од кои за победничка беше прогласена Џесика Родригез од Бразил, која ја доби титулата број еден топ-модел на светот. Втора придружничка е Сања Вучковиќ, третото место ѝ припадна на Ленка Јосефиова, а за ново лице е прогласена Ирина Леваднева. Настанот беше во организација на No1- модната агенција која избираше најдобар топ-модел на светот.
Креаторот вели дека приемот на целата колекција во Берлин бил одличен.
-Настанот беше проследен од голем број на медиуми, како и гости на настанот кои во бекстејџот сакаа што поблиску да ги погледнат деталите на фустаните и да прашаат каде би можеле да се најдат што ветува можности за некакви соработки во иднина. Ова ми ги потврди уверувањата на сите пријатели кои го посетиле Берлин дека градот и многу отворен и со задоволство ги прифаќа новите идеи. Ми беше големо задоволство што и манекенките многу уживаа во носењето на фустаните и ги носеа на вистински начин. Секако многу ми е драго што победи токму Џесика Родригез зашто таа и беше една од моите фаворити за титулата но и поради тоа што фустанот што таа го носеше е еден од моите подраги креации од најновата колекција- ни изјави Секирарски веднаш по враќањето од изборот.
Колекцијата на Секирарски се состои од 15 елегантни фустани, колку што имаше и кандидатки на изборот.
-Моделите се инспирирани од интимата на будоарите и крилјата на пеперутките, спојот на нежното, сензуалното, женственото на моменти и нестварно. Слоевитост во тантелата, доработка со многу детали, и женствента издолжена силуета се специфичните нешта кои во секоја колекција се провлекуваат, но нагласениот сексапил и еротичноста во овие модели е нешто што ја разликува колекцијата од предходните. Боите се црна, жолта, бела, златна и црвена-вели тој.
Заради спецификите на изборот, бидејќи се работи за High Fashion Models биле поставени неколку стандарди по кои фустаните морало да бидат изработени.
-Еден од условите е да бидат во специфични бои како што е жолтата и црната, бои кои се во логото но исто така и со својот сензибилитет и транспарентност што подобро да можат да ја доловат фигурата на моделот и да ја прикажат во најдобро светло-додава тој.
Моделите се претставија во неколку аутфити пред стручното жири составено од креатори, стилисти и скаути.
Целта на изборот беше да се круниса вистинскиот модел кој во себе ги има сите квалитети и вредности како шарм, харизма, фотогеничност, убав од, но и други лични и карактерни вредности. Девојката која на крајот ја доби титулата со себе носи и големи одговорности, но и договор од 6-12 месеци со модната агенција како и парична награда. (А.Н.)
Нема коментари