Со диплома од одделот за висока мода на Есмод во Париз, после неколку претставувања на ревии во Пекинг, Будимпешта, Белград и пред неколку месеци на Моден викенд, и со искуство во ателјето во кое се создаваат couture колекциите на „Шанел“ , нашата млада дизајнерка Душица Петит, која што живее и твори во француската метропола, ќе се претстави пред македонската публика со новата колекција „Француска елеганција“. Нејзината ревија е закажана за 24 октомври во Хотел Мериот, со почеток во 21 часот, како дел од програмата на претстојното издание на Моден викенд-Скопје. Колекцијата дизајнирана во црна боја со златни детали гостите ќе може да ја видат одблиску на мала коктел забава веднаш по ревијата, но и да ја погледнат на шоурум/поп-ап претставувањето што ќе се случи на 25 и 26 октомври во центарот на Скопје, повеќе информации можете да најдете на следниов линк.
*Сè уште на почетокот на кариерата и по последното претставување на Моден викенд со мини колекција на тема „Алиса во земјата на чудата“,сега, на 24 октомври го затвораш ревијалниот дел на есенското издание со новата колекција „Француска елеганција“? Каква креации ќе видиме овојпат?
-Колекцијата „Француска елеганција“ со која што го затворам ревијалниот дел на FWSK е составена од десет женски свечени тоалети и една машка силуета. Колекцијата е во црна боја, со златни детали, и е наменета за елегантни девојки. За оваа колекција се инспирирав од барок стил и елементи, но и од француските модни куќи како „Балман“, „Диор“ и „Сен Лоран“.
Креација од колекцијата „Француска елеганција“/ Дизајн: Душица Петит (Shaleva Couture)/ Фото: Sébastien Tabarin / Модел: Alix Grudler/ Шминка и фризура: Isabelle Reda
*Што претставува за тебе француска елеганција? Каде точно ја пронајде инспирацијата за колекцијата и дали и Македонките ги гледаш облечени во француска елеганција?
-Според мене француска елеганција е мода која што прикажува свечени тоалети и која што е препознатлива по „la petite robe noire“ (мал црн фустан). Македонките ги гледам облечени во француска елеганција, затоа што голем дел од девојките обожаваат свечени тоалети, и кои што би можеле да ги носат на коктел забави, на гала настани, на вечера во ресторан…
*Како е замислена ревијата, ќе има ли нешто специфично?
-Ревијата ќе биде класична, ќе се одржи во Хотел Мериот, музиката ќе биде барокна, а стилот може да се насети од фотографијата на која што е прикажана една од креациите од ова колекција.
По затворањето на ревијата ќе има мало изненадување за гостите и коктел поддржан од Royal Winery Queen Maria – Demir Kapija, на кој гостите ќе можат одблиску да ги видат крецаиите што манекенките ќе ги носат за време на коктелот.
Душица Петит се претстави со мини колекција на претходното издание на Моден викенд
*Веднаш по ревијата, на 25 и 26 октомври организираш шоурум/поп-ап продавница, кажи ни нешто повеќе за ова…
-Да, организирам шоурум затоа што би сакала да дадам можност секој еден љубител на мода да може да дојде и да ја погледне новата колекција, бидејќи на ревијата ограничени се поканите на гости. Би сакала да ја споделам мојата пасија со сите луѓе што се заинтересирани за мојата работа.
Истовемено ќе претставам капсулна колекција на уникатни брошеви што ја направив специјално за Македонија, на која што цените ќе бидат прилагодени на македонскиот стандард, како и дел од креациите од минатите колекции кои што гостите ќе можат да ги видат и пробаат. Коктел дружење ќе има и во шоурумот подржано од Winery Queen Maria – Demir Kapija.
*Што значи за еден дизајнер да живее во Париз, градот што се смета за светска престолнина на модата, градот во кој постои можност за многу работи, но и голема конкуренција? Кои се според тебе добрите и лошите страните да се делува како дизајнер во Париз?
-За многу дизајнери е сон да се живее во Париз, затоа што нуди можности одблиску да се видат модните ревии, тенденциите и модните случувања. Добрите страни се што седиштата на голем дел од најдобрите светски куќи се во Париз и постои можност за соработка со нив, а лошите се токму преголемата конкуренција и натпревар помеѓу дизајнерите, но мислам дека тоа е така и во другите струки. Треба да се биде мотивиран и амбициозен и најважно секогаш да се верува во себе и во своите соништа.
Дел од дипломската колекција Winter Flowering
*Во кој стил на креирање најногу се пронаоѓаш, што е она што засега е препознатливо во твојата работа?
-Пасионирана сум од рачната изработка на текстил, везениците, цветовите и тие елементи се препознатливи во мојата работа. И во новата колекција голем дел од материјалите се уникатни и направени со рачна изработка.
*Дипломираше моден дизајн во Париз, веднаш потоа имаше неколку ревиии претставувања во Пекинг, Будимпешта, Белград и Скопје, какви импресии носиш од овие настани и колку тие ти помогнаа во ширењето на твојата модна приказна?
-Секоја модна ревија е уникатна на свој начин и е преголема среќа и искуство за секој дизајнер. За време на една година имав шест ревии на 2 континента, кои што ме мотивираа да го градам мојот бренд. Бев премногу импресионирана од ревиите за Marie Claire и Elle кои што важат за едни од најдобрите модни списанија во светот, а кои што веруваат во мене и ме охрабруваат да покажам која сум јас како дизајнер, и ми дозволија да реализирам дел од моите соништа.
*Каде во иднина ја гледаш својата кариера, во Париз и паралелно во Македонија? Какви се плановите?
-Помеѓу Париз и Скопје, затоа што Париз е градот во кој што живеам, а Скопје е градот каде што сум родена. Би сакала секоја година да прикажувам ревија на Fashion Weekend Skopje, затоа што ја сакам близината со мојата публика.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари