Младиот креативен тим, предводен од дизајнерката Фросина Ангеловска, под називот ФРАН од неодамна создава нова модна и естeтска приказна на нашата сцена. Екипата, покрај Фросина, која се јавува и како мејкап-артист, ја сочинуваат и Јулија Гичевска – задолжена за дизајн и аксесоари како и фотографите Ана Лазаревска и Горан Поповски.
-ФРАН функционира како креативно студио, што го отворивме со желба да ја материјализираме идејата за еден простор во кој ќе ги соединиме сите наши страсти, а воедно и на клиентите ќе им понудиме дел од нашето ЈАС. Се наоѓа во центарот на Скопје и лесно е достапно. Вратите на студиото ФРАН се отворени за сите кои имаат желба да им помогнеме да се почуствуваат малку поинаку-вели Ангеловска.
Покрај континуираниот анганжман кој ФРАН го има со одредени клиенти, велат дека секојдневно им се отвораат можности за нови соработки, од поголеми и помали размери, кои за нов се од еднаква важност. Без разлика дали се работи за ангажман од типот на: стајлинг, шминка, уникатна креација, фотосесија или сè заедно, оваа млада екипа е подготвена да се соочи со предизвикот и да го даде најдоброто од себе. Клиентите на модното студио ФРАН се од најразлични профили, но ги соединува желбата за нешто уникатно, модерно и професионално изработено.
-Како засебни професиналци со неколкугодишно искуство, а и како тим од скоро, сме имале прилика да соработуваме со голем број на естрадни уметници и видни личности од кои би ги издвоиле пејачката Нина Јанева, групите „Тајфата“ и The Hounds – велат Фросина и Јулија.
Зад себе имаат неколку интересни фотосесии, меѓу кои се издвојуваат You May Now Kiss The Bride на Ана Лазаревска и Oriental Express и Hiroshima Pop изработени од Горан Поповски. Манекените со кои најчесто работат се од модната агенција „Дина Моделс“, а отворени се за соработки и со сругите модни студија.
Модното јадрото на ФРАН се Фросина и Јулија. Велат дека се знаат многу долго „а се нашле по волја на судбината“.
- Нè спои нашиот уметнички сензибилитет, а сличните карактери и принципи ја одржуваат нашата пријателска и професионална врска цврста… Плановите за 2014 година ни се поврзани со развој на брендот. Планираме промоција со воведна колекција, која моментално ја создаваме, а што ќе се случува понатаму… нека биде изненадување-велат тие.
Фросина, која е родум од Скопје, има дипломирано на Универзитет при Polimoda во Фиренца. Семестар на пост дипломски студии има при Osaka Bunka fashion college во Осака, Јапонија. Работно искуство како дизајнерка има стекнато во домашните модни куќи: „Санда“ и ,,Елена Лука“, била одговорна за реализација на плетени производи за брендовите во ,Mario Foroni uno MF1: „Селин“, „Шанел“, Стела Макартни, „Ив Сен Лоран“ и други. Има богато портфолио како шминкер за повеќе кампањи и компании. Сега целосно е посветена на ФРАН, чиј основач е таа. Зад нејзе се колекциите Splash (Охрид, 2010), The Japanese Experience (Осака, 2010) и The G-Lection (Фиренца, 2009). Има освоено награда за најкомерцијална колекција на дипломската ревија на ,,Полимода“. За признането било едногласно изгласена од жирито составено од: Alessandro Gensini (Nomination),Felice Limosani(Art Director), Anna Meo(Firenze Sapere), Andrea Panconesi (Luisa Via Roma).
Јулија, пак, која доаѓа од Битола, дипломира на отсекот за моден дизајн Европскиот Универзитет во Скопје. Зад нејзе се низа презентации на Модниот викенд-Скопје, Битолската модна недела, Полински ноќи и зори-Дојран како и низа групни изложби и ревии во рамките на студиите. Има работено во Конфекција НИТО– Битола, „Елена Лука” , а била помошник на костимографија во МОБ и силист на квизот „Тркало на среќата“.
Нема коментари