Според дизајнерката Емили Пишева Гоџирова модерната жена сака да изгледа гламурозно, секси, луксузно, елегантно, ексклузивно и оригинално, па следејќи ги овие концепти таа ги создава рачно изработените, уникатни модели со нејзиното струмичко модно студио Emili Exclusive Design. Емили ја величи женственоста, истакнувајќи ја убавата силуета на жената и правејќи креации како од бајките. Деновиве Емили ја промовира колекцијата наречена The Dolls, за која сними магичен едиторијал со фотографското дуо Ани и Дими покрај камените кукли во кратовското село Куклица, кои го кријат митот за трагедијата на една свадба, разочараната девојка, нејзината клетва и скаменетите свадбари.
-Колекцијата The Dolls е составена од повеќе венчаници и неколку гламурозни тоалети. Не случајно ја одбравме таа локација за сликање на венчаниците, секој кој ќе ја прочитал историјата за тоа бесценето место ќе ја сфати поврзаноста. Во колекцијата има доста волуменски венчаници, изработена со скапоцени кристали во многу голема количина и со огромно количество на свила потрошено во креациите. За некои од венчаниците користевме и традиционална тантела со кралски дезен која е рачно доработувана и збогатена. Има и венчаница со метална рачно плетена чипка, повторно украсена со сваровски-кристали. Во фотосесијата прикажавме и многу рачно изработени акцесоари. Освен што доминираат многуте нијанси на бела боја, имавме прекрасна црна тоалета со доста секси деколте во задниот дел и доста необичен жолт фустан изработен рачно со бои со апстрактни мотиви – ни откри креаторката Емили.
Фотосесијата со Ани и Дими во Куклица бараше огромна организација и контрола на време.
-Сликавме на едно посебно место, дел од убавините на Македонија, место со приказна, место со своја посебност и убавина. Беше доста топло и напорно, но сè се заврши совршено. Едноставно прекрасните креации се овековечија со прекрасни фотографии. Сето тоа благодарение на вистински професионалци како фотографите Ани и Дими и студиото „Даци“ кое се погрижи за шминката – вели Емили која позира на фотографиите заедно со нејзината сестра и соработничка Благица Пишева Ѓоргиева.
Emili Exclusive Design специјализира во делот на венчаници и свечени тоалети со сложени детали, квалитетни материјали и многу рачна изработка. Ја прашавме Емили какви трендови се актуелни во моментов на светско ниво и кои од нив се применуваат во нејзините креации.
- Традиционалната венчаница е секогаш во мода, па и оваа година. Едноставна, долга, со доволно јак корсет за да се истакне убавината на женската силуета. Секако во тренд се не само тоалетите, туку и кратките фустани над и под колена со традиционален крој и едноставна линија која е нагласена со спој од богата текстура на матријали, мониста и секогаш неверојатните рачно поставени детали. Палетата на бои станува сè понеобична – крем, комбинација на белата со сива, златна, корална, па дури и детали во црна боја. А и металните бои ќе бидат доста атрактивни. А кога станува збор за изработка на венчаница и тоалета од Emili Exclusive Design, тогаш станува збор за изработка на уметничко дело, станува збор за изработка на нешто безвременско. Станува збор за изработка на фустан што засекогаш ќе биде убав и неодолив.
Емили рано го забележела сопствениот интерес за креирање и на 14-годишна возраст веќе почнала да прави облека за себе и за своите сестри. Вели дека отсекогаш ја посакувала, ја сака и ќе ја сака најмногу работата што ја работи. Ужива да создава нешто необично, нешто што не може да се носи секогаш и секаде, нешто што е посебно, што привлекува внимание, љубопитност кај луѓето. Уште од почетокот на нејзината кариера Емили се труди да ја направи жената среќна, сигурна, задоволна од начинот на кој изгледа. Да ја направи да биде во центарот на вниманието, да биде гламурозна, елегантна и секси.
-Официално мојот професионален почеток е во 2001 година. Беше доста напорно, истовремено вонредно студирав, посетував курсеви и го работев она што најмногу го сакав. Така што можам да кажам дека таа беше мојата најтешка фаза, фаза во која дарбата која ја поседував требаше правилно да ја искористам. Полека, но сигурно почнав да ја придобивам довербата на жената. Почнав да подготвувам и готови креации, но секогаш уникатни, да ги презентирам… Од скица на хартија, до прекрасни, уникатни и рачно изработени креации, како и многу со нив акцесоари. Претставувајќи ги своите парчиња уметност, брзо го привлеков вниманието на жените со софистициран вкус. Моите креации брзо ги поминаа границите на Македонија, продолжувајќи со презентации на колекции во Црна Гора и во Бугарија. Но, за да се биде совршено има многу обврски, затоа веќе цели три години соработувам со мојата сестра Благица Пишева Ѓоргиева – ни рече Емили за почетоците. Таа во јануари претстави колекција на Bridal Fashion Night во хотелот „Александар Палас“, а своевремено изработуваше сценски костими за пејачката Елена Ристевска.
Нема коментари