Инспириран од мрачната, но истовремено и убава страна на колекцијата есен-зима 2014 на етаблираниот дизајнер Никола Петровски, талентираниот битолски фотограф Владимир Видановски неодамна ја сними фотосесијата наречена „Plains“. Тој даде свој, фотографски поглед на машките и женски креации од линијата, што Петровски ја претстави на Моден викенд-Скопје и на Битолската модна недела. И покрај врнежливото време исполнето со грмотевици, тимот, кој го сочинувале и моделите Ивана Дуковска (од агенцијата „Метрополис“) и Вања Трампевски („Подиум“), како и Марина Цигарида, задолжена за шминката, направи успешен едиторијал. Фотографиите ексклузивно ви ги претставуваме на Stylist.mk.
-Фотосесијата се случи по иницијатива на самиот Владимир Видановски, кој уште по прикажувањето на колекцијата на Битолската модна недела ми пиша дека веднаш добил идеја каква фотосесија би изработил за колекцијата. Ме праша дали сум заинтересиран, на што одговорив „зошто да не, секогаш сум за било каква креативна соработка“. Но, поради зафатеност со обврски во текот на летото, конечно успеавме да се видиме дури на почетокот на септември, да поразговараме и да увидиме дека и двајцата имаме исто размислување околу самата фотосесија, местата на кои би се случувала и атмосферата која сакаме да ја постигнеме на фотографиите-раскажува Петровски.
Креаторот ги контактирал своите омилени модели во моментов, Ивана Дуковсака и Вања Трампевски, и својата блиска пријателка, задолжена за шминката – Марина Цигарида од AVON, за кои сметал дека успешно ќе ја доловат приказната.
-Одлучивме да фотографираме во единствениот термин во кој можевме сите да се собереме, без разлика какво ќе биде времето (и ако имавме одредени желби). Тргнавме на фотосесија по време баш какво што не сакавме, со многу силно Сонце… Но само што ги одбравме локациите времето се промени се наоблачи, се раздува па во текот на фотосесијата и неколку пати заврна и грмеше. Радоста и убавата енергија во текот на работата беше заразна, бидејќи го имавме она што го посакувавме и верувавме дека резултатите се одлични…Така на крај мислам дека имаме квалитетни фотографии со успешно доловена приказна за двајца млади (уметникот и неговата муза) кои се разделуваат, а сè уште се љубат, нивните внатрешни битки, страдања и болки-вели креаторот.
Токму љубовта е главна инспирација за оваа колекција на Петровски. Преовладуваат потемни бои и шари како од сликарски платна, а повеќето од моделите се и рачно досликани. Формите на моделите се инспирирани од 70-тите и 90-тите години од минатиот век, а материјалите се претежно природни (волна, памук, лен) или мешавина со вискоза, полиестер или ликра. Моделите се наменети за луѓе со слободен дух, храбри и сигурни во себе и своето јас. Додатна инспирација за моделите е музиката , која секогаш е составен дел од процесот на создавање на неговите линии.
Нема коментари