Mодната куќа „Линеа“ во соработка со македонските брендови за модни додатоци Windmillshop и „Фабрика 13“ неодамна направија фотосесија. Со фотографии и видео ви ја доловуваме атмосферата за време на снимањето на каталогот за новата колекција пролет-лето 2018 во Битола. Зад фотообјективите застанаа Александар и Симона од Two Clicks, а како модел се јавува познататa уметница Буба Солак.
Во стајлинзите покрај креации од „Линеа“, има и накит од Марија Манева, која стои зад Windmillshop и чанти креирани од Наташа Јакимовска од „Фабрика 13“. Оваа соработка настана по иницијатива на модната куќа „Линеа“, со цел да се даде поддршка на новите дизајнери на модни аксесоари.
-Како модна компанија која со години наназад внимателно и со љубов се грижи за стилот на секоја современа жена, сакаме на нашите купувачи секогаш да им понудиме квалитет. Тоа без исклучок значи понуда на модели кои се изработени од природни и квалитетни материјали,но значи и целосна грижа за градењето и развојот на модниот стил. Затоа инициравме соработка со нови дизајнери на модни додатоци, преку која на дизајнерите ќе им дадеме целосна поддршка за нивна промоција и позиционирање на нивниот бренд, а во истовреме на нашите купувачи ќе им обезбедиме поширока понуда – вели Славица Басаровска од „Линеа“.
Креативката Марија Манева, позната по изработката на уникатен накит од епоксидна смола изјави:
-Идејата да се даде поддршка на дизајнирите на модни аксесоари е навистина одлична и заслужува секаква почит, а задоволството е уште поголемо кога таа доаѓа од модна куќа каква што е „Линеа“. Дизајнирав линија на ланчиња која ја нареков „Inspired by Linea“. Нивната нова колекција за сезоната пролет-лето 2018 има многу јасен естетски израз, секое парче облека изобилува со свежина, колоритност и автентичен дизајн. Се обидов да го следам тој концепт и да направам моден додаток кој само ќе го дополни комплетниот впечаток.
Иако е најпрепознатлива по дизајнот на ранчиња за деца со интересни апликации и натписи, „Фабрика 13’ со години изработува и чанти, паричници, бубрежиња и други уникатни модели за жени. За соработката со „Линеа“ Наташа Јакимовска вели:
- Понудата за соработка со модната куќа „Линеа” претставуваше навистина возбудлив предизвик и задоволство во исто време. Ова ми е прво искуство за ваква соработка и сум многу благодарна за довербата и поддршката која ни ја дадоа. За оваа прилика изработив неколку различни модели на чанти во минималистички стил, надополнувајќи ја нивната разиграна (пролет-лето 2018) колекција. Чантите се изработени од памучни материјали, прилагодливи се за различни возрасти и може да се комбинираат за различни пригоди. (А.Н.С.)
Нема коментари