Жената е како водата. Таа е мирна и спокојна, но истовремено и брановидна и моќна. Оваа паралела била првата капка, од која дизајнерката Јована Филиповиќ ја развила својата колекција за пролет-лето 2017, за која деновиве сними и фотосесија покрај Прилепското Езеро. Фотографиите повторно ги направи долгогодишната пријателка и соработничка на Филиповиќ, познатата модна блогерка Јована Зука. Дуалната природа на водата случајно се потврдила и за време на снимањето. Додека екипата пристигнувала на првично предвидената локација патот им бил отежнат од силно невреме, по што морале да се прилагодат и насочат на друго место. Со поројниот дожд ја почувствувале брановитата и моќна страна на водата…Следувало затишје, проследено со мирно спокојно езеро.
-Фотографиите целосно ја покажуваат емоцијата на колекцијата. Леснотијата на моделите, нивната сензуалност и единственост се претставени на начин што само Јована Зука може да го прикаже. Секоја фотографија претставува посебна приказна-ни изјави Филиповиќ за фотосесијата.
Креациите ги носи манекенката Ивана Караџова од агенцијата „Моделс Ин“, а за шминката се погрижи Дарко Мишовски. Стајлинзите, како и на ревијата беа комплетирани со специјално изработен накит од Моника Лозановска и Александар Милев кои стојат зад брендот „Еклектика“. Фотосесијата деновиве беше објавена и на блогот на Јована Зука – AfterTwoFive.
Колекцијата за пролет-лето 2017 премиерно беше претставена на отворањето на 15-тото издание на Моден викенд-Скопје во салонот „Порше Македонија“. На ревијата дизајнот и водата се споија во една приказна – своевиден омаж на соработката помеѓу Филиповиќ и „Пелистерка“,која започна пред точно пет години. Водата – како инспирација за колекцијата на Филиповиќ е истовремено и најпрепознатливиот производ на компанијата.
(А.Н.С.)
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете линк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари