Под слоганот „The Future was Present“ се одржа првото издание на Скопски моден фестивал, настан кој се е осмислен како спој на модни ревии и шоурум во кој се изложени модни креации. Трговскиот центар Скопје сити мол е местото на кое на 4, 5 и 6 март се одржаа модни ревии на десет домашни и странски дизајнери, а на истата локација до 27 март трае изложбено-продажен салон во кој можат да се погледнат и купат креациите.
На модниот фестивал се претстави македонската дизајнерка Евгенија Зафировска во заеднички настап со Теја Јеглиќ од Словенија, кои направија баланс помеѓу гламурот и одржливата страна на модата. Растенија, архитектура и град што се трансформира, традиционална форма и сосема нов правец, конзерваториум и канцелариски простор- симболично за влијанието на Амазон врз Сиетл e нивната инспирација за колекцијата „INSIDE“ сочинета од парчиња облека и чанти. Колекцијата ја карактеризираат острите и органските линии, изборот на материјал и рачната изработка.
Сара Реџиќ ја претстави колекцијата „Сестри“, современа бајка инспирирана од секојдневните убавини на животот и наменета за жени кои го сакаат шаренилото и за сите модерни самовили. Дизајнерката под нејзиниот бренд Sari Gi десет години создава уникатни и необични креации во кои ги спојува традиционалното и модерното. Нејзината ревија предизвика големо внимание меѓу гостите и на социјалните мрежи поради пораките кои ги испрати во финишот со кои меѓудругото даде поддршка на Украина.
Стефанија Насеска десетгодишниот јубилеј го одбележа со новата колекција „Тhe Great“, стилски восхит кон ликот и приказ на космополитски залагања и погледи на Големиот Александар кон светот, а поради јубилејната десетка во оваа колекција има елементи од секоја претходна. Различноста и шаренилото на материјалите се инспирирани од античките мозаици. Како детали се среќаваат лавот и сонцето, а исто така преовладува белата боја, како и мноштво други заштитни симболи на македонското кралско семејство.
Емили Пишева Гоџирова го потпишув македонскиот бренд Emili Exclusive Design, препознатлив по вечерни и свечени креации кои ја слават брилијантната женственост. На настанот претстави вечерни тоалети изработени од првокласни материјали и со големо внимание посветено на секој еден детаљ. Колекцијата е деликатен микс на мода и уметност, а намерата ѝ е да предизвика чувство на среќа кај дамите што ја носат.
Со ревија се престави сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски кои стојат зад брендот KTH. Новата колекција го носи името „Тилери“, а ја опишуваат со „градината што прави линија од Лувр и Конкорд е инспирација за пролетна прошетка додека мирисот на пролетно ветре, свежо печен багет и многуте столици наредени во паркот ве канат ноншалантно…“ Колекцијата е ода кон Катарина Медичи, креаторката на оваа градина инспирирана од нејзината родна Фиренца, со бои позајмени од најубавите цвеќиња и материјал налик свилено ткаење коишто ја следат линијата на парижанката .
На Скопски моден фестивал ревија имаше и брендот за ексклузивен италијански накит SIGMA Jewelry, кој престави префинета колекција од злато и дијаманти за пролетната сезона – раскошни сетови на ланчиња, обетки и прстени, кои му даваат исклучително благородна нота на севкупниот изглед.
Гости на манифестацијата беа грчката дизајнерка Стела Папакоста со нејзиниот бренд STL Studios, потоа спортскиот бренд Superstacy кој доаѓа од Турција, албанската дизајнерка Катерина Зото и три студентки од Akademia Evolucion од Приштина.
Во шоурумот во Скопје сити мол веќе се исложени креациите на мнозинството фестивалски учесници, како и на дизајнерите и брендовите Моника Димова, Мирјана Јосифоска, Minnimal, La Dama и MNML by Nana. Шоурумот ќе биде отворен за сите посетители на трговскиот центар, но и за специјални гости од светот на уметноста и музиката, кои дополнително ќе ја прослават новата модна пролет во градот.
(Фотографии: Зоран Стојановски – Зонде)
Нема коментари