Овогодинешната модна ревија на студентите од насоката дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршки факултет во Скопје беше на тема „Иднината е сега“, а преку своите креации тие претендираат да се претстават како иднината на македонскиот дизајн. Факултетот со години наназад образува кадри за модно инженерство, технологија на материјали и слични струкови области, но со доаѓаето на Лидија Георгиева како професор програмата е дополнета со нови предмети за моден дизајн. Дизајнерката која што со години живееше и работеше во Париз, сега во улога на едукатор ја насочува нивната креативна енергија и го поттикнува нивниот развоен пат. На минатонеделната ревија што ја водеше актерот Гораст Цветковски се претставија студентите од втора и од трета година, и иако некои се презентираа само по еден модел, покажаа интересни идеи и сложени кроеви.
-Ова е трета ревија на ТМФ под мој надзор, овојпат темата беше „Иднината е сега“. Провокативен избор на тема која може да значи дека тоа што го правиш денес ќе влијае на твојата иднина, но исто така сегашноста е место каде се поврзуваат иднината и минатото. Студентите одговорија со интересни инспирации, некои од нив во 3Д, некои со референци од минатото, а некои со инспирација од природата, за која што се надевам ќе ја задржиме и во иднината. Учествуваа студентите од втора година, тоа им беше прв настап, и студентите од трета годинакои поминаа низ овој процес минатата година и имаат малку повеќе искуство. Според реакцијата на публиката и модните новинари ревијата беше доста успешна – ни изјави Лидија Георгиева.
Нема коментари