Петнасеттината стилски изгледи за пролет и лето зад чијшто дизајн стои нашата позната дизајнерка Стефанија Насеска, го сочинуваат првиот дел од колекцијата со цветни, шарени и впечатливи принтови и бои. Раскошните кроеви само го надополнуваат сплетот на елементи, кои ќе бидат карактеристични за брендот и во иднина
Pink Lemonade е називот на новиот домашен бренд со моден потпис на македонската дизајнерка Стефанија Насеска, создаден за да биде носен од девојки и жени кои сакаат да изгледаат уникатно, смело и енергично. Првенче е колекцијата со симболичен наслов „Flamboyant Blossoms“, која ќе биде прикажана во два дела.
Првиот е веќе достапен за широката јавност, промовиран заедно со лансирањето на брендот Pink Lemonade, на социјалните мрежи. Станува збор за петнаесетина стилски и колоритни изгледи за пролет и лето, кои несомнено ќе ги привлечат погледите на минувачите, но пред сѐ ќе создадат чувство на среќа, задоволство, сигурност и самодоверба кај клиентите.
-Целта ни е да се позиционираме на пазарот како бренд во кој можат да се пронајдат повеќе типови на жени со различна градба на телото, а притоа да бидат единствени, забележани и полни со самодоверба. За да се осигураме во уникатноста, но и за да го направиме брендот повпечатлив, како појдовна точка ги зедовме принтовите кои се цртаат и изработуваат специјално за нас, а воедно истите ги сметаме и за наш заштитен знак по кој во иднина ќе бидат препознатливи колекциите – истакнува дизајнерката Стефанија Насеска. Заштитни лица на првиот дел од колекцијата „Flamboyant Blossoms“ се моделите Вања Петрушевска од модната агенција Подиум и Татјана Јанушева од Моделс Ин. За шминката е заслужна визажистката Марија Лазарова, додека фризурите се дело на Октај Сејди. Фотографиите за студискиот едиторијал ги изработи Антонио Станков. Вториот дел, подготвен со истата креативна екипа, ќе биде промовиран наскоро. Во чекор со светските тенденции за свесна и одржлива мода, заштитата на животната средина и грижата за вработените е од огромна важност и меѓу главните приоритети на брендот Pink Lemonade, што се отсликува и самиот процес на производство. -Сите парчиња се дизајнирани и изработени исклучиво во Македонија со сопствено производство. Себеси се сметаме за едно семејство, кое полека но сигурно расте и се грижиме секој наш член-клиент да го добие заслужениот позитивен третман – заклучува Насеска.
Нема коментари