Македонскиот долгометражен игран филм „Мими“ во продукција на Скопје Филм Студио од 13 октомври на репертоарот на „Синеплекс“, „Милениум“ и кината во другите градови
Македонскиот долгометражен игран филм „Мими“ на режисерот Даријан Пејовски, наскоро ќе започне со кино проекции за македонската публика. Од 13 октомври, сите љубители на домашниот филм, ќе може да ја погледнат психолошката драма „Мими“ во киното „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол, Градско кино „Милениум“ во ГТЦ и во дел од градовите низ Македонија.
Што можете да очекувате од ова филмско дело на Пејовски?
„Мими“ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди од родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија.
Појдете во кино и погледнете ја разврската на оваа современа драма.
Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиева како Мими, Тамара Ристоска како Сара, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
„Мими“ е втор долгометражен филм на Даријан Пејовски, кој во својата филмска биографија како режисер ги запиша „Три дена во септември“ (2015), неколку краткометражни филмови, а работеше и на ТВ-сериите „Фамилија Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“. Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima Film од Хрватска и Giggling Goat Production од Црна Гора. Направен е со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.
„Мими“ го отвори овогодинешниот Фестивал на европски филм „Синедејс“ и беше прикажан во земјите копродуценти во рамките на Пулскиот филмски фестивал и фестивалот во Херцег Нови.
Нема коментари