Претставувањето на новата колекција на париската модна куќа „Диор“, прва под креативно водство на Марија Грација Кјури, беше еден од најочекуваните настани за време на Париската модна недела. Во куќата во која по смртта на Кристијан Диор креирале Ив Сен Лоран, Џон Галијано и Раф Симонс, за главен дизајнер за првпат доаѓа жена, која што претходно беше на позицијата беше креативен директор во „Валентино“ заедно со Пјерпаоло Пичоли.
Со ревијата за колекцијата за пролет-лето 2017 прикажана деновиве во Париз, Кјури ја почнува новата страница на „Диор“, внесувајќи ја својата естетика, но не толку многу од богатото модно наследство на основачот на брендот. Колекцијата повеќе реферираше на нејзината работа во „Валентино“, отколку на естетиката на „Диор“, уште еднаш отворајќа ја клучната дилема во модната индустрија – дали кога некој дизајнер е назначен како креативен директор во одредена модна куќа со традиција, треба да воведе нова и лична естетика, или пак да креира врз постулатите на куќата?!
Во новата колекција на „Диор“ дизајнерката претстави визија за современа женственост преку поедноставени и практични модни парчиња низ кои се среќава дури и спортскиот стил. Ревијата беше отворена со бели јакни и блузи, голферски панталони и долги проѕирни здолништа, комбинирани со патики, ниски обувки и кожени јакни, а потоа колекцијата се развива од секојдневни креации во бајковидни звонести фустани од тул во црна и црвена боја, како и корсетирани модели и транспарентни креации украсени со вез. Кјури го слави феминизмот преку оваа колекција, а еден од деталите што привлече внимание е реченицата на африканската феминистка Чимаманда Нгози Адичи, „Сите треба да бидеме феминисти“, испишана на бели маици. Барајќи нова „Диор“ публика дизајнерката им се обраќа на сите јаки жени, без притоа да заборави на нивната кршливост и деликатност. (K.T.)
Нема коментари