Непредвидлив, секогаш импресивен, смел во изразот и изборот на модни комбинации, музичарот Фарел Вилијамс официјално ќе биде прогласен за модна икона на следното доделување на наградите на Советот на американски модни дизајнери. Лани титулата на CFDA ја доби Ријана, годинава ќе му биде врачена на Фарел. Од бунтовен рапер до пример за стил, пејачот и продуцентот често изгледа како од некој друг свет – со шарени детали, необични шапки, убави чевли, совршено скроени костуми со принт, спортски парчиња од „Адидас“ и уште многу други стилски квалитети поради кои Фарел подолго време важи за еден од најдобро облечените мажи на денешницата. Неговите дневни комбинации се полежерни и поблиски до хип-хоп естетиката, додека за важни настани на црвениот килим, ги почитува правилата на свечен дрескод, но на сопствен начин. Па така панталоните од неговиот смокинг се поткусени и комбинирани со чудна шапка или шарена пеперетука-вратоврска. Иако има 50 години Фарел изгледа младолико, понекогаш толму поради уникатното чувство за стил и разиграните комбинации.
Нема коментари