Македонски дизајнери на ЕКСПО 30
Кога Ботега Евенти почнаа да го осмислуваат проектот Експо 30, спој на 10 модни ревии, 10 диџеи и 10 компании со домашен печат, a по повод чествувањето на 30 години независна држава, веројатно не замислуваа дека при организацијата ќе успеат да ја анимираат домашната модна сцена и да привлечат огромно внимание. Настанот замислен да вклучи само десет модни имиња, покажа дека оваа бројка треба да е доста поголема, бидејќи голем е и интересот на македонските дизајнери да се претставаат на модни ревии и така да допрат до поголема публика. А ревиите што неодамна се одржа во Музејот на современа уметност во склоп на Експо 30, ги открија колекциите на Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Росица Мршиќ, Алшар, Кокев, Јована Филиповиќ, Лудус, Маригуча, Занов и Евгенија Зафировска, познати домашни дизајнерски имиња, некои од нив основоположници на домашната мода, имиња кои континуирано креираат од сезона во сезона, но и претставници на новата генерација.
Дел од дизајнерите се нурнаа во своите архиви и ги препрочитаа сопствените препознатливи кодови за да се реинвентираат во нова и свежа дизајнерска приказна, славењето тр децении независност на Македонија за некои беше поттик за ретроспективен поглед на нивната повеќегодишна работа. Видовме младешка свежина и смелост, но и спремност да се истражуваат нови модни формати. Експо 30 беше повод да креираат нови колекции и да покажат дека домашната независна модна сцена е разновидна, креативна и автентична.
Модните ревии на Експо 30 се одржаа во Музејот на современа уметност во Скопје, поради Ковид-мерките во присуство на ограничен број на гости, но од Ботега Евенти подготвија видеа преку кои ќе можете да уживате во колекциите на овие десет македонски дизајнери.
НИКОЛА ЕФТИМОВ
АЛШАР
ЛИДИЈА ГЕОРГИЕВА
ЛУДУС
ЈОВАНА ФИЛИПОВИЌ
МАРИГУЧА
РОСИЦА МРШИЌ
КОКЕВ
ЗАНОВ
ЕВГЕНИЈА ЗАФИРОВСКА
Нема коментари