Инспирирана од јапонскиот архитект Кензо Танге младата дизајнерка Евгенија Зафировска ја создала колекцијата „Архитектура во движење” која ќе ја претстави во автентичниот амбиент на Универзитетската библиотека в петок (30 март), во рамки на 17-тото издание на Моден викенд-Скопје.
-Посетителите ќе има можност да видат „носливи објекти”. Колекцијата ќе биде презентирана со перформанс во кој ќе може да се забележат авангардни парчиња применети во уличната мода. Да се изработи едно дизајнерско уникатно парче кое ќе има мој препознатлив белег значи визија, труд и работа и секако претставување на бројни манифестации од таков карактер-вели Евгенија.
Во структурата на колекцијата се форми мотивирани од делата на јапонскиот архитект Кензо Танге, кој е автор на голем број препознатливи објекти во Скопје.
-Модата и архитектурата го споделуваат разбирањето на просторот, структурата и композицијата, односно се две уметнички области кои имаат заедничка креативна почетна точка. Во текот на истражувањата се преплеткуваа различни можности за толкување на архитектурата во модата преку процесот на развивање на идејата. Елементите на архитектурата се изразени во различни текстури, материјали и рачни техники. Поединечни делови од колекцијата се дизајнирани на начин што можат да се комбинираат и да создадат нов изглед. Колекцијата е дополнета со модни додатоци и чевли-вели таа.
Во колекцијата прави комбинaцијата на повеќематеријали кои се разликуваат по изглед – мат или сјај, структура, допир и површина. Груби и тешки материјали наспроти меки и проѕирни. Палетата на бои во колекцијата вклучува црна, различни нијанси на сива и бојата на кожата. Начинот на кроење и спојување на материјалот го доловуваат драматичниот и
ладниот изглед на металните нијанси. Колекцијата е наменета за современи и елегантни жени кои го оживуваат својот стил со
уникатно парче облека. Спој на елеганција и минимализам. Ги ценат уникатните и квалитетни дизајнерски парчиња со додадена естетска вредност.
Евгенија е родум од Скопје, има анажмани и во Пловдив, Бугарија и во Словенија, каде што има дипломирано моден дизајн. Неодамана во Љубљана го одбрани и својот магистерски труд.
-Магистерскиот труд е целина од моќна визуелна слика и колекција која е фокусирана на одржливиот дизајн. Одржливата мода, честопати наречена како еко-мода, е дел од филозофијата на дизајнот и трендот на одржливост, чија цел е да се создаде систем кој ја поддржува заштитата на природата и општествената одговорност. Во содавањето на колекцијата вклучив традиционални занаети, локални занаетчии за правење чевли, некои парчиња се направени без или со многу малку отпадоци, модните додатоци се направени од текстилениот отпад. Изработката со овие принципи значи почитување на клиентите на нов начин и нудење на подлабоко задоволство на производот со квалитетен дизајн, добро вклопување и добар квалитет на изработка. Резултатот од магистерската теза е современа колекција, препознатлива и уникатна, базирана на корисни, иновативни рачни техники и материјали. Во дизајнирањето на женската колекција со почетна точка во архитектурата, ја претставувам облеката “како тело – архитектура”. Со истражување се приближував и ја пронаоѓав најблиската врска помеѓу архитектурата и модата, преку создавање на 3D-структура и простор за телото, а во исто време овозможувајќи неограничено движење-вели таа.
Додава дека магистерскиот труд бил голем проект и немала многу време за размислување:
-Тоа што моментално не живеам во Македонија не ме спречува да ги следам настаните. Активно учествувам на настани во државите од бившите ју простори, каде што се стекнавсо големо искуство на модните писти. Минатата година започнав соработка со бугарскиот бренд Von Goldenburg, со кој што сакам да ја продлабочам соработката поради професионалноста во работата-вели таа на крајот. Парчиеа одколекцијата лани беа претставени на Љубљанската модна недела, а Евгенија сними и едиторијал со фотографот Дан Бришки, каде како модел се јавува Маша Ферме.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари