Дипломка на Факултет за дизајн во Љубљана, младата македонска дизајнерка со авангарден израз Евгенија Зафирвска и за време на студиите се претставуваше на модни настани и изложби во Скопје и во Европа, а нејзината работа ја забележаа и словенечките медиуми и блогери. Таа неодамна се здоби со диплома како заокружување на модната едукација и вечер ќе ја прикаже својата работа на ревија во скопската вила „Ина“.
Вечер всушност ја имаш првата самостојна ревија по повод дипломирањето, што публиката ќе има можност да види?
-Главниот повод за ревијата е дипломирањето и последната колекција која ќе има можност за прв пат да се види. Редоследот на моделите ќе биде од моите почетоци на студирањето до денес. Публиката ќе има можност да го проследи мојот креативен развој, како се преплетуваа идеите, како чекор по чекор го изградив својот стил. На ревијата ќе се презентираат 28 модели.
Кога првпат се роди желбата за модно креирање, зошто се одлучи за студии во Љубљана и со какво искуство се враќаш од таму?
-Мојата баба беше костимограф и од малечка бев опкружена со материјали, конци… На почетокот на средното училиште изработував накит, подоцна бев окупирана со складноста на боите и дезените, следеше прекршување на модните правила, за да сето ова прерасне во желба да заминам на студии надвор од нашата држава. Мојот избор беше Факултет за дизајн во Љубљана, бидејќи најмногу ме привлече нивниот начин на работа. Од моето четиригодишно студентско искуство со право можам да кажам дека се стекнав со професионален начин на работа, комуникација и стручност во мојата професија.
Модните додатоци, прстените, чантите и шапките со необичен облик се доста битен дел од твоето креирање…
-Мојот стил наметнува секогаш несекојдневни екстравагантни линии, зад кои често се крие инспирацијата од македонските мотиви. Таква е и последната колекција на модни додатоци. Везени црни чанти, лептир-машни и прстени, чија снова е црна, а деталите се во црвена и бела боја. На чантите рачката е закачалка, таа е дополнителниот дел по која се препознатливи.
Во дел од моделите вметнуваш македонски вез, според тебе која е формулата за користење фолклор на модерен начин, без да изгледа како историски костим?
-За првата колекција на која ми беше инспирација македонската носија, акцентот го ставив на линиите. Кроевите го следат женското тело, тоа е еден од елементите на дизајнот со кој се разликува од носијата. За оваа колекција користев мешавина на свила со кој моделите добиваат свечен изглед. Македонскиот традиционален вез како мотив е рачно изработен на целата колекција. Во дипломскиот проект работев со перфорирана кожа, преку која се отсликува македонската традиција. Мултифункционалноста на изработките инспирирани од македонската традиционална носија, се вкрстува истовремено во капа и абажур на ламба.
Како го дефинираш сопствениот дизајнерски израз? Што според тебе е најоригиналниот елемент во твоето креирање?
-Органски линии, асиметричност, необични кроеви моделирани на начин на кој акцентот е ставен на авангардниот стил, а сепак парчето е носливо. Се осмелувам да ги прекршам правилата, која е потребата сè да биде по шаблон!?
Пред дипломирањето имаше неколку претставувања, на пример во Скопје и во Љубљана, на Зона 35 во Загреб и на BAFE во Белград, што за тебе значеа тие почетни учества на модни настани?
-Како на секој млад уметник така и за мене претставувањето на сите овие случувања е голем предизвик заради надградувањето на моето знаење, стекнување и размена на искуства и начин на организирање на разни манифестации. Во изминатите три години сите претставувања ми беа во склоп на факултетот, а оваа година имав повеќе можности на кои се претставив самостојно.
Што после дипломирањето и оваа ревија? Каде ти се насочени плановите и желбите? Ќе фунционираш на домашната или на словенечката модна сцена?
-Мојотмоменталенплан е дапродолжамсо магистерските студиивоЉубљана. Што се однесува до соработката и презентирањето на моите модели сакам да се презентирам и кај нас, но секако дека искуствата кои досега сум ги имала и надвор од државата допринеле да имам поширока визија за моите идеи. Иако повеќе време поминувам надвор од нашата држава поради студиите и учествата на различни манифестации, сепак инспирацијата ја црпам од македонската култура. Најубавата презентација е кога си меѓу своите.
Нема коментари