Креации од нашите етаблирани дизајнери: Лидија Георгиева, Јована Филиповиќ, Драган Христов (Ludus Loves Fashion), Бобан Илиевски (Chic Undercowear), Ирина Тошева и Јана Ацевска (Kapka Jewelry) од денеска до 13 декември во Берн, Швајцарија ќе бидат претставени на [SKP] pop-up store. Покрај парчињата облека и накит од македонските креатори, на настанот ќе се претстави и гостинката-дизјанерка Ива Јанковиќ (MIDSArtWear), која потекнува од Балканот, но живее во Холандија. Настанот, кој ќе се одвива во просториите на Kulturbüro, во стариот град на Берн е во организација на Тања Стоименовска и Паула Сансано (Studio Sansano). Во интервјуто за Stylist.mk Стоименовска изјави дека [SKP] pop-up storeе со цел да го промовира современиот македонски моден дизајн во Швајцарија.
-Целта на настанот е да изградиме културен мост помеѓу Швајцарија и Балканот. Во последниве години во дизајнерската сцена на Балканот може да се забележимомент на напредок и убавина. Истото може да се забележи и во Македонија. На [SKP] pop-up store би сакале да ѝ ги покажеме на публиката во Берн највозбудливите и иновативни македонски дизајнери, чии креации се комбинација на современото производството, со локален печат, со модерен израз и висок квалитет. Младите македонски дизајнери, не само што влечат инспирација од земјата со богата текстилна традиција, туку уште поважно, тие носат со нив и големо меѓународно искуство. Повеќето од нив се школувале и работеле во главните модни центри на Европа (Милано, Париз итн), а потоа ги донесоа своите искуства назад на Балканот. Називот [SKP] pop-up store всушност потекнува од кратенката за Скопје, што е меѓународниот знак за Скопскиот аерoдром – SKP. Идејата за користење на аеродромската кратенка за името ја смисли нашата пријателка Сибила Мартинели. Ми се допадна оваа идеја, леплива е за уво и е кратка-вели во интервјуто Тања.
Ова е првото издание на [SKP] pop-up store, а во зависност од успехот на првиот настан, би сакале да организираат продолжение и на пролет.
Нема коментари