Женствени и елегантни парчиња со романтичен потпис на „Кокев“, кои се практични и носливи и лесно може да се комбинираат меѓу себе за повеќе пригоди на современата македонска жена е резимето на првата луксузна претапорте линија, прва која доаѓа од ателјето на дизајнерката Тања Кокев. Таа по децениско присуство на домашната модна сцена одлучи да лансира секојдневна облека, но со луксузен печат, нешто што во модното класифицирање спаѓа во категориите prêt-a-porter и ready-to-wear. Моделите од новата претапорте колекцијата за есен-зима 2015/16 ќе бидат презентирани на ревија што ќе се одржи утре, 10 септември, во просторот на Куршумли ан, а за Stylist.mk Кокев откри дека креациите доаѓаат во загасита есенско-зимска пастелна палета, за нивно креирање се употребени квалитетни материјали од познатите модни куќи „Валентино“, „Шанел“ и „Армани“ и се надополнети со ремени и чевли со потпис на брендот. Модните парчиња имаат едноставни кроеви и во првата колекција Тања Кокев става акцент на мантил-фустаните, тесните здолниште со шлиц и на сакоата во стилот на „Шанел“. Со лансирањето на секојдневна облека дизајнерката заокружува голем дел од концептот на функцонирање на секоја модна куќа. По креирање венчаници и свечени фустани, лансирањето на парфемот Actress, прв парфем со потпис на македонски дизајнер, сосема логично е куќата „Кокев“ да се прошири со колекција на секојдневна мода, модни детали како чевли, а во следната фаза линија на чанти. И да, меѓународен пробив како дел од планот. Првата станица е Белград, каде што на почетокот на следниот месец Тања Кокев отвора продавница.
После повеќегодишна дизајнерска работа некако природно дојде да лансираш претапорте колекција. Кога ја почуствува потребата за креирање и претставување на секојдневни модни парчиња, а не само наменски свечени или венчални креации?
-Идејата е стара четири-пет години, кога се појавија некои првични замисли, но не се реализираа, не затоа што немаше услови на пазарот во Македонија, туку повеќе од аспект на тоа дека прво сакав да го зајакнам концептот на работа со custom made венчаници и свечени фустани. Јас и тимот во „Кокев“ сакавме прво да се зајакне тој бренд, да го оформиме ателјето, да застанам на здрави нозе. Потребата за секојдневна облека со потпис на „Кокев“ беше наметната и од самата публика и од редовните клиенти кои сакаат не само свечена, туку и облека од овој вид. Воедно и моја желба е „Кокев“ да прерасне во посериозен бренд, комплетна модна куќа каде што претапорте колекцијата е неминовен чекор.
Опишини ни ја првата претапорте колекција со твој потпис, во однос на кроеви, бои, материјали…
-Во однос на материјалите ја продолжувам соработката со „Валентино“, а сега ја збогатив и со „Шанел“ и „Армани“. Модните куќи „Шанел“ и „Армани“ првпат ги нудат своите колекции на материјали, како што го почна системот во куќата „Валентино“. Ги користам нивните ткаенини, меѓутоа со потпис на „Кокев“. Материјалите се движат во пастелна палета, но во еден есенски, загушен тоналитет, ги исфрив црната, сивата, кафената боја, кои се карактеристични за есенско-зимскиот приод. Значи колекцијата е многу светла и пастелна. Што се однесува до кроевите, тие се многу едноставни, не сакавме во првата линија многу да експериментираме и да направиме нешто што не е Кокев. Се водевме од идејата дека се работи за секојдневна облека која треба да биде нослива и дека секој треба да си го најде своето парче и за на работа, за одење во кино, за ручек или вечера… Даден е печатот на „Кокев“ од аспект на романтика во моделите преку флоралните мотиви и раскошните здолништа, меѓутоа овојпат како промена вненеси се тесните молив-здолништа со голема назнака на шлицовите за да се потенцираат нозете, потоа шанел-сакоата на кои секогаш им се воодушевувам и кои секако се инспирирани од самите материјали од „Шанел“. Значи направена е една фина комбинација на раскошни наспроти тесни здолништа, сето тоа надополнето со романтичниот момент на „Кокев“. Колекцијата ќе се врти околу здолништата, неколку вида панталони, сакоа, кошули, маички, капути како базични парчиња. Капутите, на пример, се изработени од феноменални материјали, кои содржат минимум 70 до 80 % кашмир, а кај шанел-сакоата се среќава и бамбус како материјал. Повеќето модели се надополнети со ремени со „Кокев“ дизајн, тие се многу битен детаљ во целата колекција замислена како струкирана и женствена. Едноставно, не може да се замисли колекцијата без да се дефинира истакне струкот, како најженствен дел од женското тело.
Претпоставувам дека претапорте колекцијата е резултат и на твоето истражување што сè ѝ е потребно на модерната македонска жена. Според твоето размислување, кои се парчињата што секоја жена треба да ги има во својот гардеробер?
-Се водев од тоа што има на македонскиот пазар, а што недостасува. Како жена и во разговор со некои мои клиенти на кои многу им верувам и ги следам нивните барања, сфатив дека не недостасуваат костими во класична смисла, туку посебни парчиња со кои може да се направат повеќе комбинации. Целата колекција е направена да може парчињата меѓу себе лесно да се комбинираат, можни се голем број варијации со моделите. Како битен момент би ги издвоила мантил-фустаните кои оставаат голем белег во колекцијата, кои според мене се елегантни, бизнис, може да ги носите на деловна вечера, на работен состанок, но и во полежерна варијанта. Секоја жена треба да го има овој вид на фустан. Потоа во колекцијата има и фустани со слободен пат и крој, со грчко деколте, во повеќе бои и дезени, кои исто така се практични и делуват женствено. И секако шанел-сакото кое може да се носат и со џинс и во посвечена варијанта. Исто така сакав да побегнам од креациите со спуштен струк , кои воопшто не ѝласкаат на жената, им ги скратуваат нозете и ја рушат цела нивна женственост, па затоа сите креации во колекцијата се направени со висока половина.
Колекцијата ќе ја откриеш на утрешната модна ревија во Куршумли Ан, како е замислена презентацијата?
-Ревијата ја работам заедно со Македонски народен театар и Македонска филхармонија, многу сум им благодарна за оваа соработка. Режијата е на Дејан Пројковски, а МНТ го прави мапингот на просторот во Куршумли ан. Во однос на филхармонија направивме избор од десет песни кои Џијан Емин ги аранжира и ќе диригира мал оркестар за време на ревијата. Заедно со овие институции подготвивме еден проект со кој мислам ќе поставме нови стандарди во однос на тоа како треба да се презентира една модна ревија. Без разлика дали модата во земјата во која живееме е на прво место или не, секогаш треба да работиме според високи критериуми.
Ќе има и фотосесија, нели?
-Направив две рекламни кампањи за да можам да ја одберам подобрата и на мое задоволство, подобра е онаа што ја работев со македонски тим. За првата ангажирав фотограф и манекенки од Белград, при што манекенките беа одлични, си ја завршија работата професионално, меѓутоа фотографот не беше толку добар како нашите фотографи. И ова е уште еден доказ треба да си го цениме она што го имаме во Македонија. Втората кампања ја фотографираа Ани и Дими и она што го направија е скалила подобро од она што го направи фотографот од Белград. Така што одлучив официјална кампања да биде таа работена во Македонија со Ани и Дими и со манекенките Ана Калачоска и Христина Трпкова.
Кому е наменета колекцијата и колку се цените прилагодени на домашниот стандард?
-Ќе се обидам цените да бидат што е можно подостапни и прилагодени на македонскиот пазар, но од друга страна не можам да ја девалвирам вредноста на производот кој е изработен феноменално по сите стандарди. Соработував со македонска фабрика која работи за големи италијански и француски брендови, бев дури и изненадена што прифатија да работат за „Кокев“. На избработката ништо неѝнедостасува и повторно сум воодушевена од македонскиот професионализам. Потоа во цената влијаат и материјалите кои се стопроцентно природни, како како свила, волна, кашмир и алпака и доаѓаат од најголемите светски модни брендови. Но, сепак се работи за луксузна секојдневна облека. Наменета е пред сè на оние Македонките кои што го бендисуваат стилот на „Кокев“, а во однос на возраста, треба да се нагласи дека не се работи за тинејџерска колекција, туку за креации за жени од условно кажано 25 години, кои се при крајот на студиите, веќе веќе го бараат работното место и почнуваат да живеат повозрасен начин на живот, па сè до некоја возраст од 60 години.
Покрај ремените како модни додатоци колекцијата е надополнета со линија на чевли…
-Да, колекцијата содржи и чевли изработени во Италија по дизајн на „Кокев“. Сè што продаваме во „Кокев“ е со дизајн на брендот и така ќе биде секогаш. Направени се комплетно од најквалитетна кожа, ставивме заштина боја на ѓонот – пурпурно виолетова, а дизајнот е многу елегантен. Повеќето модели имаат високи потпетици и шпицест врв, освен неколку со заоблен ефект, како и модели со пониски потпетици кои одговараат за деловен стил. Чевлите се пастелни и прилагодени на целата колекција, а речиси кај повеќето модели застапени се машните. Многу ми се допаѓа што калапот е совршен, веќе ги пробав и може да заклучам дека се удобни и не се чувствува замор од носење. Во исто време, подготвуваме и линија на чанти која ќе се изработува во Италија. Чантите ќе бидат подоцна промовирани, а да споменам дека се изработуваат и џемпери по дизајн на „Кокев“. Со сево ова мислам дека заокружуваме отприлика 80% од секојдневната линија на „Кокев“.
Дали мислиш дека иднината на македонската модна сцена е токму креирањето и пласирањето на секојдневна облека, наместо само свечени креации, бидејќи, сепак, сакаме да носиме убава модерна облека секој ден, а не само во наменски пригоди?
-Македонија дефинитивно има публика за венчаници и свечени тоалети, ниде дизајнерите треба тој дел постојано да го негуваме. Мене тоа ми е првенче, многу ми значи и никако нема да го запоставам тој дел. Десет години посветени на тој дел се голем труд и мора уште поголемо внимание да се посвети на тој вид креации. Но, ако сакате да се бавите со мода, не може да го изоставите делот со секојдневна мода, едноставно мора да постои дел на висока мода, како и претапорте. Не можат едно без друго да функционираат, секогаш раскошот и гламурот ќе го прават имиџот на една модна куќа, а претапорте е оној практичниот дел, она што на секоја жена ѝе потребно да го има, да го носи и да го купува. Мислам дека мора двете работи заедно да функционираат.
Дека не го запоставуваш делот со венчаници покажува и новата колекција што преку фотосесија ја промовира на крајот од летото. Од што се состои?
-Секогаш на крајот на летото правам и предколекција на венчаници како најава на она што ќе следи во 2016 година. Овојпат направивме малку поразлични модели, во кои уште повеќе го нагласивме деколтето, дадовме акцент на голиот грб, а игравме со многу тантела и рачна работа. Новитет е што почнавме да работиме со тантела од Зухар Мурад. Секако останавме доследни на стилот на „Кокев“ – моделот да биде едноставен, но и гламурозен, раскошен, но не и кичест. Значи голиот грб, раскошната тантела и длабокото деколте се одлика на венчаниците на „Кокев“ за следната година.
Нашиот Коста Петров, експерт за односи со јавност и основач на P World, објави интервју со тебе на престижниот портал Huffington Post во кое те претстави како жената што ја обликува модната индустрија во Македонија. Мислиш ли дека го заслужуваш овој епитет и дека после децениска работа остави голем печат на модната сцена и дека тоа што го правиш е успешно?
-Тоа ќе кажат клиентите, колку се или не се задоволни, јас знам дека дека постојано работам и мислам дека така и треба да биде. Кога сфатив дека работата е благодет, а не зло, нештата се сменија на многу подобро. Тој мој став кон работата и тоа што не кукам од условите за работа, туку само терам напред, мислам дека донекаде го оправдува епитетот. Но крајниот збор го има публиката.
По објавата во Huffington Post имаше многу добри реакции, некои англиски модни организации го ретвитаа текстот, а добив многу интересни следбеници на „Инстаграм“. Со еден текст не може многу да се постигне, но самите ретвитувања и споделувања на социјалните мрежи носат нови следбеници од светот на модата, ќе видиме што тоа понатаму ќе значи. На Коста веднаш му се јавиле уредници на најпознатото модно списание во Азербејџан и ставена сум на листа за интервјуа. Натписот го имаше и на Flipboard, веднаш до текст за Хали Бери, а Huffington Post исто така побарале да се фотографира ревијата и да се објави на сајтот.
Во таа смисла за понатамошен меѓународен пробив постојат ли веќе некои планови?
-На 1 октомври отвораме салон во Белград. Скоро сè е договорено, ќе биде на локација во центарот на градот, прво ќе почнеме со продавање на венчаници и на свечени тоалети, а од пролет и со предапорте колекција.
Нема коментари