Во есенска идила, сред мал импровизиран парк распослан со жолти лисја во скопскиот хотел „Александар палас“, модната креаторка Тања Кокев на 13 ноември ја промовира својата прва премиум колекција. Во линијата есен-зима 2013-14 таа направила модерно пресликување на импресионизмот во уметноста и сликарот Пјер Огист Реноар врз ткаенини од Валентино и од Унгаро. Делата од француските импресионисти од 60-тите и 70-тите години на 19 век, не ги претставила буквално, туку преку деталите, шарите, флоралните мотиви и изборот на бои: сина, темновиолетова, црна, циклама-црвена , смрагдно-зелена и светлорозоватите и модри тонови. Забележлива е играта на боите, кои вибрираат и на ткаенините, кои ја впиваат светлината.
Моделите се изработени од луксузни материјали со печат од Валентино и од Унгаро, кои се комбинација на најквалитетна свила, кадифе и твид и за првпат се користат во Македонија. Креаторката отсега со нив ќе ги изработува своите премиум-колекции. Во однос на формите на креациите, Кокев не прави големи експерименти. Повторно им се навраќа на фустаните и здолништата во стилот на модата од 50-тите години на минатиот век, а ла стајлингот во популарната ТВ-серија „Маркетинг директори“. Моделите ја нагласуваат романтичната и женствена страна на дамите. Дел ги истакнуваат облините, а дел, благодарение на нагласениот волумен даваат нова димензија на елеганцијата.
Тања Kокев пред неколку месеци го лансира својот парфем Actress, што истовремено е и прв со потпис на македонски дизајнер.
Нема коментари