Една млада уметница и фотографка во сабота, 14 мај, ќе ни понуди патување низ улиците на Лондон, Берлин, Грац, но и Скопје и Охрид, луѓе, и преку своите фотографии ќе ни открие амбинети и ситуации кои спонтано ги доловила со својот фотоапарат. Нејзиното име е Ерина Богоева, позната ни е по соработката со млади дизајнери и модни блогери, а во моментов освен како фотограф работи и како театарски продуцент. Интересот за фотографија почнала да го развива како средношколка, благодарение на програмата на Меѓународната матура во „Јосип Броз –Тито“, а по дипломата на филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, станува магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија. Вели дека е самоук фотограф и од 2007 година активно се занимава со фотографија. За тоа време Ерина била дел од многу изложби („Плоштад Фотографика“, „Денови на македонска фотографија“, „Урбан Пејсаж“, „Хуманоста за Јоце не познава граници“, „Микро Изложба“, “Инстаграмџии“), како и креативни групни и самостојни проекти во Македонија и надвор од неа. Во 2009г таа е добитник на награда во младинската категорија на Деновите на македонската фотографија, а во 2012г. таа добива прва награда за фотографија на тема „Скопје од мој агол“. Во 2013г. таа е дел од „Fearful visions“ проектот во Берлин со своја фото-поставка. За време на нејзините студии во Нотингам (2013-2014) по филм, телевизија и екранска индустрија, таа станува фотограф за „The New Theater“ при Нотингам Универзитетот и нејзини фотографии се појавуваат во тамошното списание „Impact“. Во 2015 се приклучува на жирито на проектот „Фото на неделата“ организиран од ЏаБест и станува дел од уредувачкиот тим на македонскиот фото-блог Revoshot. Во интервју За Stylist.mk Ерина открива повеќе информации за нејзината изложба.
Наскоро ќе се случи твојата прва самостојна изложба…
-Изложбата е под наслов „Животот на улиците на Европа“ (Street Life in Europe) и е организирана во склоп на проектот „Културни приказни“ како дел и од програмата за Денот на Европа, од страна на ЕУ Инфо Центарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Отворањето на самата изложба ќе биде на 14 април (сабота), во 13 часот, во просториите на ЕУ Инфо Центарот во Скопје, но изложбата ќе може да се види на истата локација до 20 април.
Од што се состои поставката?
-Поставката ја сочинуваат 30 фотографии во црно-бела и колор техника. Тоа се стрит фотографии, што се наговестува и од насловот.
Тема на изложбата е животот на улиците низ Европа, какви ситуации најмногу те привлекоа за фотографирање, луѓето, нивниот изглед, нивните постапки, постигнување на композиција со амбиентот..?
-Сите фотографии од поставката се целосно спонтано доловени, без никакво ургирање во просторот од моја страна. Тоа биле најчесто композициски точни моменти кои сум успеала да ги фотографирам, така што главна инспирација за овој проект ми биле најчесто амбиентот, архитектурата и самата композиција која се одвивала пред мене.
Какви приказни сакаш да пренесеш преку делата?
-Од секогаш сум била фасцинирана од уметност која е доволно универзална да може да инспирира различни идеи и приказни кај различни луѓе и токму тоа се обидувам да го постигнам и со моите фотографии.
На кои дестинации ги направи фотографиите?
-Фотографиите од поставката се фотографирани низ многу држави и уште повеќе градови. Лесно може да се познаат Лондон и Берлин на пример, бидејќи во кадрите се приметуваат нивни познати обележја, но тука се и Барселона, Хамбург, Нотингам, Единбург, Скопје, Охрид, Нимберг, Бремен, Сарти, Софија, Бат и Грац.
Преферираш црно-бела или фотографија во боја?
-Таа преференца ми се менува често според расположението. Некогаш полесно се снаоѓам во црно-бело, а некогаш боите ми се незаменливи.
А што најчесто сликаш на улиците на Скопје?
-Во Скопје мислам дека одново и одново би можела да го фотографирам Брутализамот. Во секое годишно време таа архитектура ми личи различно убава. Но и самото Скопје, во целост, како мој дом ми е инспиративно.
Кои се твои следни проекти?
-Следниов месец во план ми е да сработам некои проекти за своја душа што чекаа извесно време. Паралелно завршувам еден проект со фотографии за Скопје кој се надевам дека наскоро ќе можам да го прикажам пред јавноста.
Нема коментари