Авангардниот креатор Даниел Палило, кој е еден од најбараните и најангажирани дизајнери во Финска, деновиве ја промовира својата колекција за есен-зима 2014. Линијата, која содржи унисекс креации што идентично добро им прилегаат на двата пола, е во хип-хоп и урбан стил. Застапени се XXL блузони, панталони, блузи шорцеви, хеланки и чорапи, кои иако се шарени и разиграни, креаторот ги опишува како епско патување до неговата мрачна страна. Принтовите, налик на графити, се со различни пораки. Како дела од Пикасо иронично ги претставуваат убавата и грда страна, животот и смртта, нагласувајќи го бунтот, анархијата и потребата од индивидуалност.
Колекцијата The Trip е своевидна мешавина од производи што може да се најдат во било која сувенирница низ светот. Содржи детали кои асоцираат на национални бои на некоја земја, слики што може да се стртнат низ малите улички на големите градови, надополнети со коски и костурски глави.
Даниел Палило е еден од најуникатните модни автори од новата генерација, познат по својата спонтаност и незгаснатата желбата за експерименти, што се гледа по неговите модели со пренагласени и необични форми. Тие се богати со црн хумор и се наменети за двата пола и за сите генерации. Овој Финец со италијанско потекло, македонските љубители на модата имаа можност да го запознаат пред пет години, кога гостуваше во Скопје како предавач на „Нордискиот летен викенд“ во организација на некогашниот Културен центар ЦК. Во таа прилика изјави дека креира за своја душа, а за него најдобро зборуваат моделите.
- Моите креации се големи, црни и вкусно скроени. Никогаш не правам грандиозни планови. Живеам ден за ден и правам работи што ме прават среќен и што се исправни во дадениот момент…За мене е многу битно да создавам облека што ќе потсетува на мене, која ќе можам јас да ја носам. Најважно е да не се сфаќаат нештата премногу сериозно – изјави Палило.
Во модниот бизнис влегол пред 15-тина години. Првично студирал уметност, но се префрлил на моден дизајн на универзитетот во Хелсинки. По татко е Италијанец, но вели дека нема многу попримено од италијанската култура, менталитет и традиција. Палило црпи идеи од луѓето од главниот град на Финска.
Неговите модели се слика и за неколку музички правци: готик, метал и хип-хоп. Музиката не секогаш се одразува врз креациите, но влијае на начинот на работа. Кога слуша поагресивна музика, станува поагресивен во работењето.
Кај неговите креации доминира црната боја, комбинирана со бела, сина, жолта и виолетова, но, во основа, моделите се мрачни. Даниел укажува дека тоа е поврзано со расположението во Хелсинки. Застапени се многу графички отпечатоци. Најмногу е инспириран од слики што ги наоѓа на „Гугл“. Неговите блузи, туники, панталони, палта, здолништа и фустани се со големи димензии и се многу разиграни.
Палило добро е запознаен со македонската модна сцена, а особено е одушевен од напиот познати креатор Марјан Пејоски, за кого вели дека е фасцинантен. Креации од двајцата дизајнери се продавале во познатата продавница за авангардни уникати „Вундер“.
Нема коментари