Откако во април годинава Хеди Слиман даде отказ на позицијата креативен директор на куќата „Сен Лоран“, а на негово место дојде Белгиецот Ентони Вакарело, претставувањето на новата колекција стана настан кој се очекуваше со големо нетрпение. Вкарело, кој својот сопствен бренд го стави во мирување за да се посвети на работата во „Сен Лоран“, вчера ја прикажа дебитанската колекција за париската модна куќа. Во првиот ден од Париската модна недела за колекциите пролет-лето 2017, тој прикажа креации кои ги задржуваат сите препознатливи знаци на неговата работа – сексапил, припиена силуета, црна боја, а во исто време користејќи дел од естетиката на Ив Сен Лоран – женски смокинг, фустани со отворени рамена во стилот на 80-тите, притаена сензуалнот, златно ламе, мини фустани. За да направи напредок во куќата, Вакарело погледна наназад во работата на Ив Сен Лоран од 80-тите, ставајќи ја во нов и модерен контекст.
Нема коментари