Француската луксузна модна куќа „Ив Сен Лоран“ и нејзината матична компанија „Керинг“ потврдија дека за нов креативен директор назначен е дизајнерот Ентони Вакарело. Ова значи дека се потврдија повеќемесечните шпекулации за заминувањето на Хеди Слиман од YSL, но и дека Вакарело ќе ја напушти досегашната функција на дизајнер на линијата Versus на „Версаче“. Белгиецот Вакарело студирал на La Cambre во Брисел, работел две години во „Фенди“, по што во 2009 година ја лансирал сопствената колекција со препознатливи секскапилни креации, а од 2013 година креира колекции за младешната линија Versus. Во неделата од компанијата „Версаче“ соопштија дека Вакарело повеќе нема да креира за Versus, што дојде после информацијата за ангажманот во „Сен Лоран“. Се очекува Вакарело првата колекција за пролет-лето 2017 за модната куќа „Ив Сен Лоран“ да ја претстави во септември годинава на Париската модна недела.
- Господинот Ив Сен Лоран е легендарна фигура по својата креативност, стил и смелост. Исклучително сум благодарен за можноста да придонесам за историјата на оваа извонредна модна куќа – вели Вакарело.
-Среќна сум што Вакарело ќе го преземе креативното водство во куќата „Ив Сен Лоран“. Неговата модерна, чиста естетика совршено се вклопува со брендот. Ентони Вакарело беспрекорно балансира елементи на провокативна женственост и строга мажественост во неговата силуета. Тој е природен избор за дизајнер што ќе ја изрази есенцијата на Ив Сен Лоран. Ентузијастички гледам на новата ера со Вакарело и заедно да го продолжиме успехот на модната куќа – соопшти Франческа Белетини, претседател и главен извршен директор на „Ив Сен Лоран“.
Нема коментари