Дизајнерката Емилија Дамјановиќ која креира под името Еми Норис во вторпат ќе учествува на Интернационалното биенале за накит во Пекинг, Кина, на изложба во склоп на настаните настаните во рамки на Пекиншката недела на дизајн, а во организација на Пекиншкиот институт за модна технологија. Изложбата што ќе трае од 16 до 30 декември 2015 година, е од интернационален карактер со учество на над 300 дизајнери од околу 50 земји од целиот свет. Темата на изложбата е Jewelry- Boundless.
Од страна на организаторот и жири комисијата која изврши избор на учесници на настанот, селектирани се две дела од дизајнерката. Тоа се две масивни огрлици, едната е од колекцијата F key (F клуч), а другата специјално изработена за настанот. Матерјалите од кои се изработени парчињата се комбинирани: плексиглас, огледален алкубонд, врвки за обувки, текстил, метал. Накитот е костимски. Изложбата ќе се одржи во Парк на иновации на Институтот за модна технологија во Пекинг, а самиот настан е конципиран да прикаже како различни култури взаемно се разменуваат, интегрираат, па дури и судираат и на тој начин промовираат развој на творечка разновидност во дизајнот на накит, а воедно обезбедуваат платформа за интеракција на различни уметнички дизајнерски концепти.
Еми Норис за вторпат се претставува на овој престижен настан, прв пат изложуваше во 2013 година. Дипломиран професор по музика, ќе ја заинтригира и светот на модата и дизајнот. По едногодишна обука по моден дизајн кај етаблираниот Никола Ефтимов, почнува да прави колажи, костими и накит, а во 2012 година почнува да креира современ дизајн на накит од плексиглас и комбинирани матерјали под брендот Еми Норис. Нејзините колекции биле изложени на Неделата на дизајн во Скопје, во Софија, Миксер фестивалот за дизајн во Белград, дизајн фестивалот Дан Д – Загреб, Моден викенд-Скопје и на Интернационалното биенале за накит во склоп на Неделата на дизајн во Пекинг. Минатата година ја оствари втората самостојна изложба во „Концепт 37“, а годинава новата колекција ја промовираше на саемот за современа уметност и дизајн „Паратисима“ во Скопје.
Нема коментари