По повод чествувањето на денот на Свети Кирил и Методиј во Рим и официјалната посета на Ватикан, сопругата на претседателот на РСМ, Елизабета Ѓоргиевска, носеше дводелен костим креација на дизајнерката Лидија Георгиева.
Со внимателен пристап за почитување на строгите протоколи за дрескод на аудиенцијата кај Папата, сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска носеше црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главата. Костимот е збогатен со стилизиран вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16ти век. Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство.
Како поддршка на локалното производство, повторно се работеше со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија. Од посебно значење е и симболиката вметната во везот на велот, во кој е содржана реченицата „ Зарем сонцето не нè грее сите“, испишана на глаголица. Ова е референца на настанот во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. … „Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа“? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински“. Кирил на тоа им одговорил: „ Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? …“.
Нема коментари