Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски, изгледаше елегантно, модерно и впечатливо на вчерашното отворање на фестивалот Охридско лето, во креација на познатата модна дизајнерка Лидија Георгиева. Моделот е долг фустан во пурпурно виолетова боја, кој дизајнерката го креирала специјално за неа, а креацијата крие симболична инспирација.
- За отворањето на Охридско лето, дизајнирав долг лелеав фустан во пурпурна боја. Фустанот е обмислен како силуета во два слоја, со асиметрично поставени фалти во горниот дел, а бојата потсетува на длабоките нијанси на езерото после полноќ. Дизајнот е инспириран од античкиот театар во Охрид, како парафраза на драперијата и на кратката и долга туника од класичните драми. Материјалот е купен во Скопје, а секако и изработката е од домашни мајстори на занаетот. Достоинство, елеганција и модерна класика, во овие моменти специфични за сите нас, овој дизајн беше посебен дизајнерски и занаетчиски предизвик – ни изјави креаторката Геориева.
Председателот Пендаровски е покровител на Охридско лето, фестивалот кој вчера се отвори во Антички театар во Охрид со концерт посветен на оперската дива Ана Липша Тофовиќ. На настанот го придружуваше сопругата Елизабета, на која стилски ѝ парираше со вратоврската во нијанса слична на бојата на нејзиниот фустан. Поради пандемијата на Ковид-19 фестивалот се одржува со посебен протокол и заштитни мерки, а госпоѓата Ѓоргиевска носеше заштитна маска направена од истиот материјал како фустанот, а на која беше закачен филигрански брош.
Нема коментари