Феминизмот, романтизмот и леснотијата отсекогаш биле дел од нејзината естетика. Во своите бохо-креации го вткајува восхитот од жените со силен карактер. Фустаните, кошулите, елеците, наметките, туниките, марамите и здолништата на новинарката и дизајнерка Елена Тодоровска-Ефтимова се извезени со приказни за минатото, сегашноста и иднината… Вистински приказни за нашите мајки, баби, прабаби, сестри и ќерки, жени-воини и хеоини од нашето опкружување. Во нив ќе ги препознаете нивните венчаници, ноќници, свечени парчиња и секојдневни креации, секоја безвременска, а трендовска, впечатлива, но ненаметлива.
-Ми се допаѓа кога нештата се природни и не се форсирани. Секое парче има доза на декаденција, од старите чипки на венчалните фустани, до малите карнери на црниот и белиот памучен сет. Сакам да креирам безвременски парчиња облека, во кои можете слободно да се движите, да работите, да уживате во животот и секојдневно да освојувате нови висини – како во вас, така и надвор од вас. Им се восхитувам на жените со силен карактер, без разлика дали се романтични, моќни или срамежливи. Сакам искрени карактери, девојки кои не се плашат јасно да го искажат своето мислење- вели Тодоровска-Ефтимова, која стои зад брендот Nalini.
Без разлика што диктираат моменалните трендови, вечна инспирација ѝ се романтичните дизајни од 70-тите години, тенките и нежни ткаенини, индиските сари и природниот памук.
-Опсесија ми се и фустаните од викторијанската доба, рачно принтаниот индиски памук и мароканските килими. Моите колекции се инспирирани од патувањата и се восхитувам на естетиката на номадите. Сакам рачно направени нешта и затоа често во моделите вметнувам везење, плетење, ткаење. Сезонава омилен ми е рачно плетениот венчален фустан, кој е вистинско ремек-дело и е правен речиси два месеци-вели Елена, чии креации, носат девојки од цела Европа, Јапонија и Америка.
Омилен материјал за работа ѝ е калико памукот. Тоа е сиров и неизбелен памук и нетретиран со хемикалии.
-Тој е целосно природен и често содржи мали делови од лушпата, кои можат да се видат вткаени во материјалот. Со неговата мека и помалку изгужвана текстура, тој е идеален и за најчувствителната кожа. Фустаните од свилените Индиски сари се моја нова зависност. Направени се од луксузни, стари сари и секое од нив е уникатно. Тие се чудесно меки и лесни, тенки, деликатни и со неверојатни принтови. Особено ми е грижа како нештата се направени. За мене е важна позитивната енергија, уживањето и чистата љубов додека нешто се изработува. Верувам дека секое парче ја носи енергијата на неговиот творец и дека оваа енергија потоа се шири. Во денешниот свет на масовен конзумеризам и евтини нешта без душа, особено е важно да се поддржи ова движење на артизаните. Нешто што е направено со љубов и грижа е многу посебно и има своја душа-вели Елена.
Во време на напредна технологија 3Д-принтани парчиња и брза мода, таа се враќа на корените, изучувајќи ги техниките со кои нашите предци создавале ткаенини. Беше дел од обука за ткаење, и оваа вештина ја применува во своите модели.
-Восхитена сум од талентот на ткајачките со кои работев додека го дизајнирав мојот прв рачно ткаен материјал. Овие жени се едни од последните ткајачки во нашата земја, кои се уште ја одржуваат жива оваа традиционална вештина. Одушевува нивната вештина и долгите часови работа на старите дрвени разбои. Конец по конец, ред по ред, гледав како црните, белите и сребрените конци се претвораат во уникатен памучен материјал. На крајот, откако учествував и го разбрав овој макотрпен процес, имав огромна дилема – дали да го исечам или не ова прекрасно ремек-дело. Немав срце да го сечам. Но, на крајот направив два фустани, инспирирани од старите украински носии. Исто така и кимоно- палтото со црни ромбови е направено на стар разбој, со денови и денови ткаење, а инспирација за дизајнот ми беа старите марокански килими. Овие парчиња облека не се лесни за производство, но тоа ги прави особено вредни и посебни. За мене тие се вистинско наследство, кое се пренесува од една генерација на друга-вели таа.
Со фотографскиот тандем Ани и Дими направи фотосесија за новата колекција (пролет-лето 2017) која ја претставуваме на stylist.mk.
-Фотосесијата за оваа колекција повторно ја работев со моите талентирани пријатели Андријана и Димитар – AD Photography. Моделот Ангела Карова ме восхити со нејзината позитивна енергија и леснотија со која работевме. Шминката и фризурата беа дело на Зорица Николова, која е вистински уметник со четката и со која совршено се разбиравме.
Четири години дизајнира облека за својата интернет продавница NaliniShop на Etsy.com- светски познатата платформа за продажба на рачно изработени предмети, облека, накит. Налини на Санскрит значи лотус, прекрасно и Хинду божицата Гајатри.
-Креирањето за мене значи духовна храна. Потрагата по стари материјали и чипки, за мене е авантура, потрага по скриено богатство и лекција по историја. Овој дел од процесот го обожавам! Најчесто не се фокусирам на временски периоди, туку повеќе на тоа како тој предмет прави да се чувствувам, каква приказна раскажува, неговата текстура, боја. Посебно ме инспирираат старите парчиња материјали, кои ги вметнувам во креациите. Тоа најчесто се квалитетни материјали, стари по неколку десетлетија. Особено ми се допаѓа што повеќето од нив со текот на времето добиваат уште подобар квалитет – на пример, рачно ткаеното платно или плетниот чаршав од памучен конец, стануваат уште помеки. Особено инспиративно ми е купувањето материјали – никогаш не знам на што ќе налетам. Може да биде прекрасно индиско сари, рачно принтан индиски памук или некој преубав рачно везен узбекистански сузани текстил. Искуството со кое се здобив овие четири години, работејќи online продажба е непроценливо. Секој ден сретнувам различни луѓе од целиот свет, секој со своја приказна. Особено ми е драго што моите дизајни се носат на улиците во Париз, Јапонија, Америка, Данска, Германија. Добивам преубави пораки од луѓето, дел од нивната животна приказна и тоа ме полни со светла и убава енергија. Особено сум горда на 100 отсто успешниот фидбек на мојата продавница, каде купувачите оставаат прекрасни мислења за купениот продукт-вели Елена, чиии модели неколку пати досега се појавија во познатото американско списание Belle Armoire.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете линк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари