Визијата и искуството на нашите креатори, познати по изработка на комерцијални колекции за накит и облека, сè почесто може да ја гледаме во театарските претстави. По магистратурата во Барселона, каде што освен проекти за стилизам на модни магазини работела и на создавање археотипи за ликови од телевизиски серии, креаторката Елена Спасовска била поканета да работи и на еден италијански театарски проект чија премиера беше во Музејот на современа уметност во Скопје.
На овој проект за првпат соработувала со италијанскиот режисер Лука Кортина, а подоцна со него ја работеше и на претставата „Аквариум“ по текст на Рефет Абази во тетовскиот театар. Така почнале ангажманите на модната креаторка во театарски престави.
Следеше соработката со режисерот од Приштина, Фадил Хисај, на претставата „Злобно око“ во тетовскиот театар и „ Духот на слободата “ во Кумановскиот театар. Работеше и на претставата „ Живот под кирија“ на Рефет Абази повторно под режија на Кортина.
-За да се работи на еден тетарски проект секогаш е најважна екипата со кој соработуваш. Целиот тим работи на создање на магијата на театарот, но за да изберам да работам на некој проект е најважно да ја разберам работата на режисерот. Обично кога го знам процесот на работа на еден режисер можам најдобро да го дадам својот придонес во создавање на костимите.
Костимот, неговата форма, боја, па дури и времето од кое потекнува, имаат важна улога во претставата. Тој не само што открива за ролјата, туку низ претставата се развива и остварува целиот карактер.
-При создавањето на костимот не само што треба да се размислува за ликот од текстот туку треба да се прилагоди и за актерот кој го носи и да биде прилагоден за движење на сцената. Секоја нова претстава ми е нов предизвик, а создавањето на костимите и нивното реализирање во театарската игра е највозбудливиот процес кој со секоја нова претстава е ново доживување… Соработката со актерите е секогаш важна. Ако костимот не му помага да ја развие улогата тогаш, тој костим не е функционален . Може да го направам и најдобриот костим, но ако тој не му одговара на ликот или не функционира во театарската игра, тој костим подобро да не биде во претставата-вели таа.
Додава дека има голема разлика од создавање на секојдневната облека до костим.
-Костимот бара пластичност на материјалите, големо внимание на тоа како ја рефлектира светлината, внимание на детали кои ке создадат археотип на ликот и дури еден костим може да не биде воопшто функционален за носење надвор од театарот.
Открива дека многу е тешко да се обезбеди квалитетен материјал за изработка на костимите.
-Прво е ограничувањето на буџетот, а потоа и малиот избор на материјали во нашата земја. Во повеќето случаи дури треба да се изработат дупликати или да се сочува материјал ако движењата на ликот се подинамични.
На крај вели дека за кој било костимограф или дизајнер е важно да ги следи случувањата на театрите и костимите надвор од земјава.
-При секое мое патување гледам да посетам театар , опера или какво било сценско случување но и како вистинска инпирација го сметам и Музејот на декоративни уметности во Париз, во кој се изложени костими кои го преживеале времето и сега се на ниво на вистинско уметничко дело.
Нема коментари