Една од најиновативните македонски дизајнерки на накит и модни додатоци Елена Ристовска на социјалните мрежи деновиве ја претстави својата нова колекција LUCKY. Станува збор за десетина ѓердани и обетки, во разни геометриски форми.
-Накиот е изработен од месинг, во комбинација со бели полудраги камења. Како што може да се забележи, во секое парче накит се повторува еден елемент. Секој модел е изработен од една или повеќе плочки од месинг и жички. Плочките се само перфорирани, нивната обработка е минимална. Впрочем, со таа замисла го започнав поцесот на креирање, тоа ми беше предизвикот од самиот почеток, со минимална обработка на металот да создадам префинет накит. Овој пат приодот е поинаков, бидејќи накитот што го создавав досега бараше поголема обработка, во стилот на лепење, па брусење, употреба на киселина…Инаку насловот LUCKY во превод означува среќа. Додека работев на креациите размислував за сите дефиниции на среќата: благословен, фаворизиран, роден под среќна ѕвезда, шарм, успешно, просперитетно, поволно, навремено, добар, срдечен, целисходно, случајно и друго. Нека остане фотографиите да зборуваат сами за себе…- вели Ристовска.
Елена повеќе години работа како дизајнер на накит, а редовно ја гледаме на разните барази, поп-ап придавници и други собири на кои се пласира домашен автентичен дизајн, работи во повее техники, а сознати се нејзните современи изведби на филигран. На годинашниот Super Design Pop-Up Store изненади сво своите чанти и алки од филц во спечатливи бои. Има работено и ско кожа и разни метали. Својот проект Mirror, tell me who I am? лани го претстави на Интернационалната изложба на уметнички накит во рамките на Неделата на дизајн во Пекинг, Кина. Делото го сочинуваат осум целини, а четири од нив отпатуваа во Кина.
Дизајнерката се памети и по нејзината прва самостоја изложба I Believe In Fairy Tales за која изработи девет дела, (девет филиграни и исто толку чанти) преку кои ги раскажа остварените или неостварените соништа на најдрагите личности во нејзиниот живот. Извесен период престојуваше во Данска, каде што посетуваше школо за дизајн и занаети. Таму се запозна со својствата, начинот на обработка на кожата и стаклото. Елена има дипломирано на катедрата за Историја на уметност. Додека студирала, паралелно ја посетувала и работилницата за филигран, и од 2008 година до денес изработува накит од сребро. Дипломската работа ѝ била на тема Златарски техники, таа била теоретско надополнување на знаењето што го стекнала на работилницата.
Нема коментари