Македонската манекенка Елена Трајановска, која сега во модниот свет е позната како Елена Реи, продолжува со ангажманите во Париз, светскиот главен град на модата. По ревијата на Армани во Grand Palais, што се одржа пред десетина дена и на која акцент беше ставен на новата козметичка линија Lip Magnet, во екот на претставувањето на ресорт колекциите, Елена се појавува како единствена манекенка во lookbook-от на познатиот француски бренд Leonard, во кој ги промовира креациите за сезона ресорт 2017. Фотографиите со Елена веќе се најдоа на онлајн верзиите на изданијата на Vogue.
Брендот Leonard е формиран во далечната 1958 година од страна на Жак Леонар и Даниел Трибујар, и важи за еден од престижните француски брендови. Во текот на историјата повеќе дизајнери работеле за брендот, меѓу кои и познатата француска креаторка Вероник Лирој. Од мај годинава креативен директор на брендот е Кристин Фунг која за кратко време ја подготви ресорт колекцијата што ја промовира нашата Елена.
Како што нè информира Алек Наумовски од нејзината матична агенција „Моделс ин“, Елена Реи останува во Париз до средина на летото, бидејќи модната сезона на случувања е во полн замав, а набргу започнува и Париската недела на висока мода. Елена е една од ретките македонски манекенки што во минатите сезонаи учествувала на haute couture ревија во Париз, се надеваме ќе биде ангажирана и за претстојните претставивања на висока мода. (К.Т.)
Нема коментари