Македонскиот топ модел Елена Реи постигна нов интернационален успех и се појавува како заштитно лице во новата кампања на престижниот париски бренд Cerutti 1881, основан од страна на италијанскиот дизајнер Нино Черути. Елена му позира на фотографот Метју Брукс во неколку модели од колекцијата пролет-лето 2018.
-Иако веќе четири месеци нашиот топ модел Елена Реи ги поминува работно во Њујорк, дури сега излегуваат кампањите и колекциите за кои работела пред извесно време. Во било кој голем град во Европа да влезете во ексклузивните продавници на престижниот бренд Nino Cerruti 1881, ќе ја препознате нашата Елена која едноставно плени со својата убавина – ни рече Алек Наумовски од нејзината матична агенција „Моделс ин“ од Скопје. Тој ни откри дека кампањата за Cerruti 1881 која што сега е во тек, нашата Елена ја сработила пред седум месеци во Париз.
-Да потсетиме дека Нино Черути го започнал својот занает во 1967 година со отворање на својата прва продавница, но бизнисот го наследил од неговиот дедо кој го започнал во Биела, Италија, токму во таа 1881 година. И покрај сите добиени награди на кои секако му честитаме на овој италијански дизајнер, за нас соработката со нашата Елена ни е секако најдрагата награда – изјави Алек.
Елена Трајановска, сега позната како Елена Реи, како манекенка веќе седум години работи на светската модна сцена, а досега за најголеми успеси се сметаат ревијата и работата како ексклузивно лице на Calvin Klein во Њујорк, соработката со Harper’s Bazaar на фантастичен едиторијал за венчаници, големите кампањи за Burberry, Massimo Dutti, Galleries Lafayette, Sephora, како и модните ревии за Armani, Karen Walker, Ralph Laurent и многу други.
Нема коментари