Македонскиот топ модел Елена Реи (Елена Трајановска) неодамна се појави на насловната страница на престижното јапонско модно списание Foxey Magazine. Ова е веќе втора насловна на Елена за истиот моден магазин, што се должи на одличната соработка со тимот на одговорните лица на списанието. Елена пред еден месец се врати од Токио, а пред да дојде дома во Македонија, беше на кратко во Париз каде што сработи нова кампања која треба да излезе набргу. Најде време и барем на кратко да се одмори на француското крајбрежје. Елена подолго време гради интернационална кариера во што многу ѝ помагат матичната агенција „Моделс ИН“ од Скопје, активностите на Јелена Ивановиќ од Model Scouting Office од Белград, како и агенцијата Women Menagement и сестринската Supreme.
-Во моментов Елена напорно работи на себе заради претстојната сезона која почнува кон крајот на месецов. Треба да добиеме информација од Model Scouting Office каде би било најдобро за неа да биде во наредниот период – ни изјави Алек Наумовски од нејзината матична агенција „Моделс ИН“.
Манекенката Елена во последните месеци најмногу работи во Токио и за јапонската сцена, се појави во повеќе кампањи и насловни за магазините Spur и Dazzle, во едиторијал за Elle Mariage, реклама за Samsung 6. но активна беше и во Шпанија, каде сними кампањи за Berschka и Cortefiel, фотосесија за шпански L’Officiel. Голем успех беше и појавувањето на ревија на Келвин Клајн на Њујоршката модна недела во септември 2015 година и написот во Vogue.com кој ѝ предвидува успешна кариера. Претходно Елена настапи на модните ревии во Милано, Париз и во Токио. (К.Т.)
Нема коментари