Во раскошниот амбиент на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, збогатено од музиката од балетот „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Сергеј Прокофјев, модната куќа „Елена Лука“ ја претстави новата колекција наречена „Златни узди“ (Golden rains). Во основа креациите имаат елегантна и луксузна нишка, доминираат црни, бели и златести модели, а ревијата беше заокружена со црвен драматичен фустан. Присутните во музејот погледнаа педесетина модели за актуелната сезона пролет-лето 2014. Наменски за оваа колекција изработени се и чанти и чевли со потпис на модната куќа.
По ревијата во Скопје, Елена Лука утре патува во Виена. По успешното претставување на светски познатиот настан Bridal Thing во Виена, пред еден месец, овој македонски моден бренд, ќе учествува на етаблираниот-хуманитарен виенски бал Dancer Against Cancer. На 5 април, во палатата Hofburg, во друштво на различни австриски еминентни личности, Елена Лука, на настанот на кој присуствуваат над 3.000 луѓе, ќе донира луксузна креација. Ова, за Елена Лука, ќе биде претставување на својата уникатна слика кон светот, во колевкатана на модерната европската култура. Програмата на балот, има ревијален и забавен карактер, според виенско-балската традиција.
Пролетното издание на Моден викенд -Скопје продолжува вечерва од 18 часот, во салонот „Порше Македонија“ со креациите на студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, потоа со моден перформанс на минатогодишните победници на „Поп!Мода“ , Виктор Цветановски, Ана Камчева и Алмир Мили. Со модна ревија ќе се претстави и дизајнерката ИринаТошева а вечерта ќе ја затвори групна модна ревија на Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска, Бобан Илиевски и Никола Петровски. Вечерва веднаш по завршувањето на ревиите, колекциите на студентите од Факултетот за арт и дизајн, на Ирина Тошева, Виктор Цветановски, Марјана Рујаноска, Стефанија Насеска и Chic undercowear на Бобан Илиевски ќе бидат достапни за купувачите во концептуалното кафуле „Концепт 37“ во Скопје.
Нема коментари