Шпанскиот магазин S Moda ја нарече новата принцеза на модата, а сите што барем малку ја следат модната сцена добро го познаваат ликот и делото на италијанската уредничка и стилистка Џована Батаља. Стилот на оваа елегантна бринета е предмет на анализа во рубриките на познатите модни списанија, светските блогови за улична мода и на страниците на модните форуми.
Магичниот стил на гламурозната глобтротерка и позната модна уредничка е микс на избрани авангардни парчиња облека и на елементи на раскошност, енергичност и шарм. Ако на тоа додадете стилска смелост и подготвеност да се прават рискантни модни комбинации, ќе добиете гардеробер каков што посакуваат светските трендсетерки.
Како поранешна манекенка можеби беше логично кариерата да ја продолжи во светот на модата како уредничка. Но, неодамна го напушти уредничкото место во списанието L’Uomo Vogue, и како што вели, поради љубов се пресели од Милано во Њујорк. Денес е фриленс стилист и соработник на магазинот W. Згора на тоа, дел е на едно од најрелевантните модни династии – таа е девојка на Владимир Рестоан-Ројтфелд, трговец на уметнички дела и син на култната Карин Ројтфелд.
Нејзини модни икони се Одри Хепберн и Моника Вити. Преферира комбинации на бои и шари и токму тој екстраординарен еклектичен микс ја издигна во револуционерна стилска икона. Таа негува елеганција, но не конвенционален начин. Смета дека стилот е нешто што расте и еволуира со текот на времето, а големо влијание има нејзината околина. Кокетира и експериментира со различни стилски референци.
Една е од ретките трендесетерки што повторно ги облекува истите дизајнерски парчиња, но секогаш во поинаква стилистичка реинтерпретација. Колку и да прави измени во комбинирањето, нејзиниот стил во суштина се сведува на минимализам и прочистени линии. Иако е непредвидлива во стилот, константа во нејзиниот имиџ се сивата, црната и неутралните нијанси, впечатливите чевли и мини здолништата, минималистичката шминка и фризура.
Нема коментари