Сакоа со раскошен вез и сјајни материјали, во златна, сина, црна, розова боја, со ткаенина во стилот на поп арт и во смела комбинација со пурпурно виолетови панталони, ова се дел од модните предлози на дизајнерката Елена Љутикова во новата машка линија. Создадени за храбри мажи отворени за нови предизвици, дизајнерката овие екстравагантни машки креации ги претставува преку оваа фотосесија со манекенот Павле Николовски. Иако не сме ја виделе на ревија од 2012 година кога на Моден викенд прикажа колекција на венчаници, Љутикова која е школувана во Италија веќе две децении твори на домашната сцена и во последниве години е ангажирана околу своето ателје во центарот на Скопје. Таму креираа свечени фустани, модели по нарачка, венчаници и од неодамна машки креации. Токму машките модели нè заинтригираа да разговараме со креаторката.
Домашните дизајнери ретко одлучуваат да креираат машка мода, како вие дојдовте на идеја да се соочите со предизвикот на создавање машка колекција?
-Идејата за авангардна машка мода ја имам уште од студентските денови на Универзитетот за уметност и дизајн во Перуџа, Италија. Ја носам во мене, но постојано си мислев ‘сега не е време и нема да те разберат’. А и сега, не знам дали е време и дали има доволно смели мажи за моите креации. Авангардноста е тешка да се носи, да се справуваш со неа, ја имаш или ја немаш, но носи и големи предизвици во бизнисот.
Што беше инспирација за оваа колекција, колку креации таа содржи и во каков стил се тие креирани?
-Потребата да се искажам и да ја извадам идејата од мене, затоа што уметникот што не ги реализира идеите се гуши внатрешно, врие, чувствува немир. Колекцијата содржи девет јавни креации. Стилот на мојата работа е секогаш бунтовно елегантен и раскошен. Начинот на кој работам и размислувам е како комбинација на правците на Дишан, Бочони, Бала и Тијерополо. Голем проблем е кога си креативен во општество кое е конфекција.
Нудите смели решенија, впечатливи материјали, рачни везови, за кои мажи поточно е наменета колекцијата? Какви мажи очекувате да ги одберат овие креации?
-Какви мажи, ммммм… Реализирани, отворени за нови предизвици, напредни, во чекор со времето и пред времето. Еруптивни, страствени, карактерни, опуштени во својата самодоверба.
За промоција на колекцијата подготвивте и фотосесија, кажете ни повеќе за тоа и за тимот со кој соработувавте?
-Тимот беше супер, добра хемија имаше помеѓу нас. Мислам дека тоа е најважно за успешна работа. Моделот е Павле Николовски од „Моделс ин“, многу релаксиран тип, професионален и точно го долови тоа што го сакав и замислував. Фотографијата e на Дејан Јанев, што да кажам за него – многу профи. Фотограф на светско нив, голем уметник, надвор од шаблоните. Шминкерката Јована Коциќ е искусен професионалец, секогаш точна и прецизна. И да не ја заборавам мoјата супер асистентка и десна рака Ивана Јовановска. Кај неа нема невозможно.
Имаме ли мажи со стил во Македонија?
-Ако мислиме на конфекција стил, има. Инаку мислам дека многу малку се тие слободни во изразувањето на личниот стил. Кај нас се гради самодоверба и углед преку престижните стикери/марки што често се лажни, а не преку создавање сопствен стил. Тие што можат да си дозволат скапи брендови, се сликаат по социјалните мрежи покажувајќи што носат, со фокус на логото без разлика дали брендираното парче им одговара на личноста и дали им стои.
Почнуваат подготовките за матурските прослави, некако акцентот е повеќе ставен на матурантките, ама и матурантите сакаат убаво да изгледаат. Што им предлагате на момчињата во однос на модниот стил и како вашите креации можат да се вклопат во изгледот на еден матурант?
-Да бидат свои, индивидуални, слободни и да го градат својот стил, а не по сугестии од страна.
Иако подолго време не сме ве виделе на ревија, постојано работите, имате сопствено ателје, редовно создавате женски креации и линија на венчаници. Што друго подготвивте периодов и кои се плановите за иднина?
-Ревиите не ме привлекуваат, не го даваат она што на нас од модната бранша ни е потребно. Ревиите секаде се организираат за потенцијални купувачи, како продажни презентации, додека кај нас се повеќе како забава за посетителите (иако сметам дека треба да бидат забавни), но фокусот треба да биде на развој на продажба и перспектива. Кога сме кај работните планови и проекти, јас постојано творам и создавам, тоа ми е животната енергија, тоа сум јас постојано развивам идеи и планови.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари