Австралиската двојка Кетрин Клау и Мајкл Малоун се венчаа на свадба која на Интернет стана вирална и доби епитет „најхипстерска“. Сепак да се нарече „хипстерска свадба“ е стереотип, бидејќи нивната веселба е пред сè еколошка и органска, со акцент на рециклирани и природни материјали, домашно направени храна и пиво.
Некои сакаат раскошни свадби во градски амбиент, а Кетрин и Мајкл ја сакаат природата, па за локација избраа шумски предел на островот Тасманија. Се венчаа покрај дрвена рамка украсена со диви цвеќиња. На просторот каде што се одржа церемонијата поставија рециклирани столчиња и предмети, дрвени маси и вински буриња на кои беше послужена органска храна, домашно подготвено пиво, а дури и тортата сами ја испекле и декорирале. “Тортата сама ја направив, Мајкл беше задолжен за пивото, а сами собиравме цвеќе, исушивме конфети, направивме балиња од слама“, вели Кетрин која откри дека скоро секој предмет сами го направиле користејќи рециклиран материјал.
Во склад со темата, двојката се облече едноставно, но впечатливо. Кетрин избра долг фустан од Алис Мекол, а Мајкл светло кафени панталони и бела кошула во комбинација со трегери. Скоро цел ден го поминаа боси. Пријателите што имаат свој бенд беа задолжени за музиката, што допринесе уште повеќе за релаксираната атмосфера на свадбата. (К.Т.)
Нема коментари