Домашната сцена во последнава деценија забележува згоголемен и континуиран интерес за моден дизајн и учење мода, покрај повеќето високообразовни студии во рамките на државните и приватните универзитети, за збогатување на едукативниот систем се појавија и неколку центри од нефоралното образование кои нудат свои специјализирани тренинг програми. Една од нив е модната академија на Џолев и „SEDC“,која е резултат на соработката на школото „Џолев и уметностите“ со „Сеавус Едукативен и Развоен Центар“ (SEDC). Наставата започнува на 20 ноември, на која главни ментори ќе бидат познатите модни дизајнери Никола Ефтимов и Никола Булески. Одличниот тим на предавачи го заокружуваат Ирина Тошева, Александра Јовановска, Блашка Ми Ева, Стефан Сидовски-Сидо, Небојша Вилиќ и Дејан Џолев.
„Можеби најзначајна и најмотивирачка причина, не само за мене, туку и за целиот тим е тоа да се придонесе за општеството. Сите ние ја чувствуваме потребата за стабилизација и развој на земјата во која живееме. Јас сакам да останам тука, а ова не го кажувам од патриотски причини, туку од емотивни, го сакам мојот град, ги сакам луѓето, ја сакам климата…Сите ментори се професионалци во своите медиуми и дејности, имаат свои редовни професионални ангажмани, никој од нив не е приморан ова да го прави поради хонорар или некаков статус, сите ние сме дел од една идеја за подобро образование и подобро општеств“, ни кажа Дејан Џолев за мотивот за формирање на ова академија за моден дизајн.
Тој ни истакна дека соработката со „Сеавус Едукативниот и Развоен Центар“ е само поради една цел – квалитет! Според Џолев, нивното искуство во академиски програми е бесценето, а здружувањето со тимот на „Џолев и уметностите“ е најдобриот возможен начин за остварување и реализирање на беспрекорна програма и настава од уметнички и дизајнерски дејности. „Меѓу другото, ова е прекрасен пример како две школи со иста визија ги рушат сите пранги и застануваат заедно, секој со своите квалитети во име на една идеја, оваа сорабока е само уште еден доказ дека на ова гледаме како предизвик за придонес кон образованието“, вели Џолев.
Во однос на формирањето на програмата тој вели дека сме сведоци на реформите во било која општествена сфера и на тоа како наставните програми сурово се печатат според западните стандарди, без притоа да се обрне внимание колку тоа е практично во политички, економски контексти во условите кои сме затекнати. „Нашата програма не е препишана од големите универзитети, таа е напишана според долгогодишното искуство на нашите ментори, условите на домашниот пазар, но истовремено и според глобалните естетски, медотолошки и етички тенденции. Во нашата брошурка стои: ,Нетрадиционални и флексибилни едукативни методи на настава која вклучува практична активност во модно студио, атеље и компјутерска лабораторија’,“ изјави Дејан.
Двајца познати дизајнери ќе обучуваат идни дизајнери
Нашите еминентни дизајнери Никола Ефтимов и Никола Булески – Буле ќе бидат дел од модната академија на Џолев и СЕДЦ. И двајцата се долги години на домашната сцена, а и двајцата имаат искуство во домашните образовни институции (како „Европски универзитет“ на пример) и во интернационални школи (Ефтимов предаваше на „Академија италијана во Бангкок, Булески на ЕСМОД во Куала Лумпур). Со своето богато исксутво ќе бидат челните предавачи на новото школо.
Булески ни рече дека соработката со Џолев трае веќе една година, тој бил дел од нивните кратки курсеви по моден дизајн, а по завршувањето на вториот курс разговарале за унапредување на соработката и оваа нова академија е резултатот. Ефтимов бил контактиран уште минатата пролет од страна на Дејан Џолев и Крсто Златков кои му ја пренеле идејата за организирање неформални дизајнерски обуки на нешто повисоко ниво. Во меѓувреме, настанала соработката со „SEDC“, па Ефтимов вели дека покрај јасната визија на Дејан и Крсто, една од клучните причини зошто го прифатил овој ангажман се одличните услови за работа во просториите на едукативниот центар на „Сеавус“.
*Од што ќе се состои вашиот ангажман, кои предметети ќе ги предавате и на каков методолошки принцип ќе се повикате во наставата?
Булески: Мојот ангажман во образовните институции каде сум работел е секогаш ист. Ќе предавам Конструкција на облека и Техники на шиење. Моделирањето е моја специјалност. Ќе работам според методологијата што ја научив во „Марангони“ која се темели на рамно моделирање по принципот Made in Italy. Секако низ предавањата ќе користам и техники кои се дел од методологијата на ЕСМОД.
Ефтимов: Вовед во модната колекција, историја на модата и модна колекција се предметите што ми ги доверија. Среќен сум со изборот, затоа што ова се предмети што ги имам предавано и на високообразовните институции. Без разлика на временскиот и организациски формат на наставата, начинот на предавање е базиран на искуствата од специјализираните училишта од овој тип во светот, па тоа би значело расветлување на сложениот моден систем, модните категории, воспоставувањето на релацијата меѓу производот и целната група, методологија на дизајнирање на колекција и нејзина професионална презентација итн. Во однос на историјата на модата, ќе го пренесувам моето знаење за историскиот развој на облеката и модните додатоци, во различни историски, социјални, културни и други контексти.
*Колку се делотворни овие нетрадиционални начини на изучување мода и за што ќе бидат студентите подготвени после наставата?
Булески: Успехот ќе зависи од тоа каква соработка и атмосфера ќе успееме да создадеме на академијата. Знам што можам да понудам како предавач и верувам дека идните студенти ќе бидат поспремни во техничкиот дел дури и од студентите кои поминуваат подолго време на сродните факултети во Македонија.
Ефтимов: Тешко е да се генерализира, но многу често на ваков тип настава доаѓаат ентузијасти кои навистина ја сакаат модата, а поради многу причини не биле, барем во одреден временски период, во можност да посетуваат редовна настава по моден дизајн. Таквите луѓе со голема љубов се посветуваат на процесот на учење, па секогаш има позитивни резултати. Професионалната едукација и усовршување се доживотни процеси. После двата семестри настава и еден професионална практика, студентите ќе ја имаат добрата основа за почеток, без разлика дали ќе продолжат со студии на други институции, или ќе го изберат патот на понатамошно учење преку работа и стекнување искуство. Можеби би требал да напоменам дека овој тип на модна едукација е интересен не само за аспирантите кон модниот дизајн, туку и за некои други професии кои се упатени на модата, како модните новинари, стилистите итн.
*Кои се вашите очекувања од програмата и дали имате искуство со ваквиот начин на настава?
Булески: Програмата сами ја создаваме затоа и веруваме во нејзиниот успех. Од моето неколкугодишно искуство како предавач научив што им е потребно на идните дизајнери и баш тоа и ќе им го понудам.
Ефтимов: Се радувам на почетокот на наставата, а познавајќи го тимот предавачи ангажирани во наставниот процес, убеден сум дека наставата ќе протече во најдобар ред и дека ќе бидеме сведоци на првите проблесоци кај идните дизајнери. Моите почетоци во предавачката работа се врзани токму за неформалното образование, уште од 1998-99 година. Тогаш бев ангажиран од еден едукативен центар во Скопје да ги водам курсевите за моден дизајн. Годините што следеа се менуваа моите ангажмани од формален и неформален карактер за различни институции кај нас и во странство.
Дејан Џолев за наставниот кадар на модната академија
„Како мал во било која детска игра, било кој спорт бев „капитенот“ на тимот и се разбира секогаш го креирав најдобриот тим. Понекогаш, бевме толку добри што противниците се фустрираа од немоќ, па бевме приморани да споделиме некој играч, да ги зајакнеме противниците за играта да биде порамноправна и поинтересна, но денес ова не е детска игра, денес е најважен тимот, а тимот едноставно мора да биде најдобриот!
Одлично го познавам домашниот терен! Моето долгогодишно образование, кое брои неколку факултети за уметност и дизајн, моето работно искуство како уметник и дизајнер и можеби најзначајното искуство од неформалните дружби по галерии, улици, клупи, библиотеки, ноќни и дневни клубови ми помогнаа кон тоа за навистина да запознаам голем дел од сцената, авторите, професионалци во своите дејности, универзитетски професори, но да го препознаам и нивниот капацитет и страст кон професијата. Кога елемнтарно ќе биде поставена структура за една едукативна програма, започнувам со регрутација на потребниот кадар и секогаш помислувам само на најдобрите, во моите тефтери има само план А!
На пример, кога размислував кој е најдобро да го менторира предметот „Моден бренд и менаџмент“, нормално на почетокот умот ми отиде дека за овој предмет е потребен маркетинг- експерт, за брзо потоа да сфатам дека тоа можеби ќе се претвори во непрактични универзитетски дефиниции и демагогии, па затоа тоа исто пладне отидов во Атељето на Ирина Тошева и буквално воодушевен од идејата ѝ извикав „Бренд и менаџмент“, а таа во еден милион прашалници подголтнувајќи тивко ме потсети, „Ама Џолев, знаеш јас сум моден дизајнер“. ЗНАМ! – ѝ викнав, „најдобриот помеѓу најдобрите! Но истовремено си единствената што во континуитет е присутна на модната сцена, истовремено си најпознатиот, најперспективниот, најуспешниот авторски бренд!“ – Таа без да биде свесна за сопствените квалитети во други дејности, кои била приморана да ги реализира во секојдневната пракса ги перцепира како морални, но јас ги гледам како неверојатен мултиталентиран автор со исто толку познавање во претприемништвото, менаџментот, колку и во дизајнот. Ја прашав: „Зар навистина мислиш дека има подобар пример од твоето искуство, од твојата приказна и професионализам?“ Ја допив водата, се поздравив со Мини (нејзиното кутре) и дваесет и четири часа подоцна Ирина го прифати ангажманот, а денес заедно со маркетинг-специјалнист ја дефинираме програмата на предметот од практична , и теоретска перспектива на нејзиното искуство, што ќе биде супер стимулстивно за еден млад дизајнер – учесник на Академијата. Покрај Ирина Тошева, Академијата за моден дизајн на голема чест и радост ги има двајцата од малкуте темели на модниот дизајн во Македонија. Никола Ефтимов кој ќе биде главен ментор на предметите поврзани со модна колекција и моден дизајн, додека Никола Булески – Буле во делот на конструкција на облека и техники на шиење. Мои идоли , и сигурен сум во тоа, дека се идоли на многу нивни поранешни студенти, а денес супер продуктивни, талентирани и популарни дизајнери. Александра Јовановска ќе биде ментор на модна илустрација и дигитална илустрација, секако дека и таа беше план А во мојот тефтер, па зар постои подобар и поискусен модел илустратор? – Брилијантна! Во делот на историја, филозофија естетика се други двајца идоли на многу генерации. Професорот Небојша Вилиќ и професорот Стефан Сидовски – Сидо. Додека пак, од ликовниот аспект на визуелни комуникации, цртачки и сликарски техники сме задолжени јас (Дејан Џолев) и прекрасниот мултидисциплинарен уметник Блашка Ми Ева.“
Нема коментари