Актерката и танчерка Наталија Теодосиева позира во модни парчиња на дизајнерот Мите Занов пред објективот на фотографката Ерина Богоева, на покривот на Градскиот трговски центар во Скопје. Неколку креации од колекцијата „Миг“ на Занов, како бронзен корсет, кожен фустан, мрежесто здолниште и модел со реси, се вклопија во идејата на Богоева да покаже дека на нашата модна сцена постои креативност и луксузна мода слична на концептот на висока мода. Таа создава модна приказна во која модните парчиња се поставени во една чудна урбано-прозна рамка. „Урбани се елементите на кои е поставен моделот, но видикот отвора простор кон одвивање на еден живот полн со приказни – таму некаде во позадината. Фотографиите ја отсликуваат осаменоста на моделот и како негов контапукт брзиот градски живот“, смета таа.
Во целиот проект се чувсвтвуваат необичната идеја, длабоката посветеност и младешкиот ентузијазам на оние вклучени во едиторијалот.
„Зошто длабока посветеност? Од секое модно парче на оваа фотографска сесија извира длабоката посветеност на македонскиот креатор Занов. Не е тука во прашање само неговата прекрасна визија. Тука се наоѓа и неговата длабока посветеност за секој рачно изведен детаљ на модните парчиња: трпеливо, истрајно обикување на оригиналната идеја која пак, македонската актерка и танчерка Наталија Теодосиева ни ја претставува, не само низ тивката состојба на мермерната статуа на вајарот, туку низ движењата на танцот и детската игра. И одново се навлегува во апсурдноста на спојувањето на гламурозните модни парчиња со играта на моделот со кои како да се сака да ни се покаже дека и „високата мода“ е достапна и податна за игра, и тоа не само на „црвениот килим“.“
Младешкиот ентузијазам извира и од заедничкото пријателство на Теодосиева и Богоева, кои во оваа прекрасна игра се споени преку леќите на фотографскиот апарат и емоциите кои произлегуваат од создавањето уметност. Целиот проект немаше да биде возможен и без соработката со Градскиот ррговски центар за користење на нивниот покрив, како и без соработката со нашата фабрика за чорапи и хулахопки „Ла Дама“.
Нема коментари