Дизајнерката Ирина Тошева на последното издание на Моден викенд-Скопје ја претстави „Риза“, спој на автентични национални ракотворби и 3Д технологија, а нејзината колекција наменета за пролет-лето 2016 деновиве доби и свој едиторијал. Во реализацијата на „новото читање на ризницата на национални ракотворби“ Ирина соработуваше со архитектот Nikola Kungulovski/PROXY и MK3D Printing.
-На колекцијата е работено цели 6 месеци во соработка со архитектот Никола Кунгуловски. Во овој период, највпечатливите и најкомплексни македонски везови од минатите столетија се сведоа на едноставен геометриски код кој е заеднички за нив. На тој начин колекцијата претставува модерен превод на традицијата и нејзиниот дезен претставува есенција на нашиот вез. За оваа намена користени се најновите технологии за тродимензионално печатење со што се прави вистински превод на совршените, но и груби текстури од историјата на нашата мода – се вели во соопштението.
На едиторијалот се работеше со докажаниот тим, фотографот Миладин Паповиќ, шминкерот Виктор Мирчевски, фризерското студио Allure и графичкиот дизајнер Кристина Манчева. Модели се Рене Врајт и Ана Станојковска од модната агенција „Подиум“ и Елена Анѓеловска од модно студио Црнокрак. Дизајнерските столици од Think и чевлите од Chantel одлично ја надополнија целата приказна.
-Чистината на модниот едиторијал го отсликува целиот процес на изработка на колекцијата. Сакавме да покажеме дека комплексноста, секогаш може да се сведе на естетска едноставност која се консумира со задоволство – изјави Тошева.
Колекцијата е достапна за продажба во ателјето на дизајнерката, како и онлајн на www.irinatosheva.com и www.bastetnoir.com. Изработката на колекцијата е овозможена од MK3D,а поддржана од Министерството за култура на РМ. Беше претставена на Модниот викенд во Скопје и Prishtina Fashion Nights во Приштина.
Нема коментари