Кога ќе се спојат романтичното и модернистичкото во една модна визија се создава баланс меѓу романтичните меки кроеви и строгите линии заокружени во новата колекција наречена Balance на познатата македонска дизајнерка Антонија Ристовска која е дополнета со нова промотивна фотосесија. Фотографиите ги потпишува Жарко Чулиќ, а главната улога пред неговиот објектив ја има младата виолинистка Ева Богоевска, официјалното заштитно лице на брендот на Антонија Ристовска. На тема Баланс дизајнерката преку креациите раскажува цела приказна за бесконечната борба на модерната жена да постигне и да одржи рамнотежа во различни полиња од нејзиниот живот.
>>Штотуку ја лансиравте новата колекција Balance, што се крие зад модниот баланс кој го предлагате за сезоната есен-зима 2017?
-Инспирацијата за колекцијата е повторно модерната жена. Урбаното и брзо темпо на општествени промени од модерната жената бара успешен BALANCE на сите полиња од животот. Новата колекција е инспирирана од внатрешниот порив на жената која балансира помеѓу љубовта и омразата, доброто и злото, исклучителниот комфор и крајната неудобност, помеѓу задоволството и воздржувањето, слободата и сигурноста, притоа задржувајќи го сопствениот став. Крајната порака е да се најде вистинскиот баланс во реката на животот и неговата бесконечност.
>>Какви креации и стилови има во новата колекција, во однос на формите, боите, материјалите?
-Моделите се спој на романтичното и модернистичкото. Направен е баланс помеѓу меките и романтични кроеви и строгите припиени линии. И во боите е запазена тематиката на колекцијата, баланс помеѓу светли нијанси како што се белата и пудресто розова, и темносина од друга страна. Моделите се изработени од висококвалитетни природни материјали и тантели, нешто на што внимавам при изработување на секоја колекција. Секоја креација е надополнета со стилизирани машнички инспирирани од знакот за бесконечност, како знак за бесконечната борба да се постигне баланс во животот.
>>Заштитно лице на колекцијата и на вашиот бренд е младата виолинистка Ева Богоевска. Како дојде до оваа соработка и зошто млада уметница од светот на класичната музика, наместо поп ѕвезда, манекенка или позната личност?
-Со Ева имаме една прекрасна соработка веќе неколку години наназад, соработка која преку оваа фотосесија ја официјализиравме и ја презентиравме Ева како заштитно лице на брендот. Соработката со Ева најпрво почна многу спонтано, за потоа да продолжи бидејќи таа се пронаоѓа во стилот на ателјето, а ние како бренд секогаш гордо стоиме позади млади уметници без разлика на кое поле творат.
>>Што подразбира вашата соработка?
-Соработката со Ева ќе биде за сите нејзини јавни настапи и концерти за нејзиниот изглед ќе се грижи Ателје Антонија Ристовска.
>>Дали со секоја нова колекција се доближувата до помладата публика која повеќе преферира урбан отколку класичен изглед, но сепак стил кој се базира на елеганција и женственост? Забележувате ли промена во профилот на клиенти и љубители на вашиот дизајн?
-Секоја колекција е микс од парчиња кои се наменети за различни возрасти. Секогаш имаме модели кои се похрабри и авангардни за помладата публика, и модели кои се поелегантни за повозрасните жени. Што не секогаш е случајот, бидејќи денес помлада девојка може да се облече поконвенционално, а повозрасна жена – авангардно и урбано. Нашите колекции не се наменети за одредена возрасна група, туку за модерни девојки и жени кои се полни самодоверба, знаат што сакаат и не се плашат да бидат поинакви, туку се „плашат” да се претопат во масата.
>>И оваа колекција ја претставувате преку фотосесија. Дали се изгуби поентата на презентирање преку класична модна ревија?
-Ревијата како презентација на колекција секако дека има своја убавина. Овој пат се одлучив за фотосесија бидејќи за концептот на колекцијата повеќе одговараше да се презентира преку фотосесија.
>>Кој е тимот што ја потпишува новата фотосесија?
-Ева позираше позади објективот на Жарко Чулиќ кој одлично ја водеше, со оглед на тоа дека ова е нејзино прво модно искуство. Шминката и фризурата се на Фросина Фран Ангеловска која успеа уште повеќе да ја истакне природната убавина на Ева. Локацијата е новоотворениот ресторан Four во склоп на Хотел Парк, чиј амбиент совршено се вклопи со темата на колекцијата.
>>Во финишот сме на оваа 2016-та, што ја одбележа годината на професионално поле и какви се плановите за следниот период?
-Оваа година ја промовиравме колекцијата венчаници Bloom 2016 и со тоа и подбрендот Antonija Ristovska Bride наменет за идните невести. Во колекцијата за прв пат во Македонија промовиравме венчаници со принт со мој дизајн печатени во Италија. Летниот период како и секогаш е исполнет со работење нарачки за клиенти и план за колекцијата која ја промовиравме сега. Во тек се подготовките за новата колекција венчаници која ќе ја промовираме напролет
Нема коментари