Нов македонски моден бренд се појави на домашната сцена кој за многу кратко време привлече внмание – „Мала камила“ зад кој стои Сандра Камилоска – и додека се договаравме со дизајнерката за разговор, неколку креации веќе се продадени. Сандра ја создаде првата колекција наречена Woman, спој на современа женственост олицетровена преку свилени комбинезони, тренди костими во интензивни бои, широки предимензионирани панталони, кимоно-наметки во бордо и зелена боја за малку гејша-стил, а за која ја подготви и оваа фотосесија што можете да ја видите на Stylist.mk. Ви се чини необично е името за моден бренд, ама има суштинска причина затоа што тоа е името на нејзиниот Инстаграм профил. „Тоа е името по кое Скопје ме именува и знае, малакамила. Малата камила од семејство Камилоски :)“, ни откри Сандра. Со дизајнерката зборувавме за мотивот да влезе во модниот бизнис и од позицијата на графички дизајнер како што ја запознав пред неколку години, да стане моден дизајнер.
„Да бидам искрена, долго време да не речам лутав, тргајќи од фактот дека имам средно музичко образование, диплома за графички дизајн и дипломатски протокол, а факултет за безбедност со дипломска тема „Доказни средства во истражна постапка”, за да на крај завршам како моден дизајнер. Некои го викаат сестраност, јас го викам класично лутање:))) Нели, се додека не наидеш на она вистинското, што ти ја полни душата“.
Сандра со живописна нарација зборува за креативниот порив.
„Секогаш знаев дека ќе работам нешто со раце, нешто да опипувам… Постојано ја прашував мајка ми: Лено, ајде бе, ќе дојде ли ова моево!?
Само ми рече: Цртај. Не објасни што.
И така почнав, цртав, но природно ми доаѓаше да цртам модели, односно креации на модели. Да пред неколку месеци имав нацртано цела линија на креации, украсени со црни ситни пердуви… И висејќи на Net-a-Porter , мојата омилена апликација излезе најновата колекција на „Прада“. Си реков ало, што се случува? Не можев на очиве да си поверувам и почнав да плачам, но не од среќа, туку некоја лутина ме обзема, божем креативниот на „Прада“ ми ги украл цртежите:)))
Тоа беше клучниот момент да се окуражам, да соберам храброст. Си реков, ништо не можам да изгубам. И така почна сè“, раскажува таа.
Сандра ја лансира првата колекција на „Мала камила“ Woman и вели дека добила одличен фидбек од луѓето околу неа и од јавноста, односно на социјалните мрежи каде што прво ја презентира.
„Името на колекцијата дојде од мојот личен момент што го имам према убави жени. Едноставно ме фасцинираат и инспирираат. Сакам убави и темпераментни жени. Од колекцијата извадив тотално femme мантили, налик на гејша стил, истите мантили ми го одредија името“, вели Сандра.
Во однос на тоа како нејзиниот личен стил се пресликал на дизајнот Сандра вели:
„Мојот стил во текот на годините варирал, имаше еден период не излегував од мартинки, носев тесни фармерки и само менував маички. Мислиш сум фронтмен од некој панк бенд, да после бременоста морам да бидам искрена, излезе од мене онаа поженствена страна во однос на стилот, која ја негувам и многу ми прија. Во однос на стилот на дизајнот кој го работам, многу интересен момент имав со неколку луѓе, кои ми рекоа: колку поинаков ти е стилот од ова што го дизајнираш, а пак колку си ова ти. Така да тука сум. Гледам на ова како уметност пред сè, дека реално и е“ објаснува.
Фотосесијата за колекцијата поминала подобро од она што таа го очекувала. Работела со професионален тим на сет од 8 часа, сликале во центарот на Скопје и во хотелот „Мериот“. Фотографирала Надица од студио Ангеловски, позира моделот Мартина Марковска, а шминката е на Васе Доковски.
Во моментов „Мала камила“ се нарачува онлајн, но планира во почетокот на летото да отвори свое ателје во кое ќе презентира колекции за претстојните сезони и ќе изработува на custom дизајни во соработка со клиентки.
„Поддршка од другарките имав најголема! Нормално и од сопругот и од целото семејството, мајка ми и татко ми беа повозбудени од мене. И секако сестра ми и брат ми со реченицата: Цаци (така ме викаат), ова е тоа! :)“, зборува Сандра за поддржувањето на нејзината идеја од страна на најблиските.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари