Уметноста, стилот и уличната мода од Јапонија биле инспирација за модниот едиторијал со наслов FRESH на младиот битолски фотограф Владимир Видановски. Со оваа фотосесија тој го заокружува сработеното и наученото на курсот по моделирање, кроење и шиење на познатата креаторка Лили Кадинска. Станува збор за првата од трите фотоприказни од курсот на Кадинска која стои зад етикетата Le Brand, кои премиерно ќе ги претставиме на stylist.mk. Покрај Видановски оваа обука ја поминаа и Маја Нечевска и Милена Павловска.
-Курсистите ги совладаа основните техники на кроење и шиење, како и конструкција на три базични парчиња облека. Тука би го најавила и проектот на Le Brand и курсистите од првата и втората група од хуманитарен карактер. Во тек е подготовка на четири матурски комбинации за матуранти кои доаѓаат од социјално загрозени семејства. Фотосесиите ги изработи Видановски, а концептите се развиени врз база на стилот на парчињата изработени од страна на курсистите-ни изјави Лили Кадинска.
Владимир вели дека курсот за кроење и шиење на решил да го посети бидејќи работејќи како моден фотограф развил интерес за процесот на создавање на облеката.
-Фотографирајќи модни колекции ми се вроди љубов кон самите парчињата облека, па сакав да научам и самиот да ги правам. Курсот траеше околу два и пол месеци, преку кој се запознавме со машините за шиење, како работат, како да ги користиме,потоа научивме неколку базични кројки и изработката на истите. На крајот од курсот креиравме парчиња по своја желба со сè што научивме од обуката, а Лили беше цело време со нас, следејќи и водејќи нè околу процесот. Со нејзината помош и упатство успеавме да направиме нешто квалитетно, професионално и, најважно, уникатно -вели тој.
За креациите претставени во едиторијалот FRESH бил инспириран од јапонската уметност и стил, па сакал да искористаи палета на бои што би потсетува на истата – црна, црвена и бела.
-Футуризмот е исто еден мотив во парчињата, најочигледно истакнат во белата блуза. Го иксористив кадифето во два модели токму поради тоа што материјалот реагира многу интерсно на светлина и изгледа прекрасно на фотографија. Црното кимоно е всушност најпрвото парче што го изработив за време на курсот и на кое сум најгорд и задоволен. На крајот од обуката сакав да изработам нешто поамбициозно, па решив да направам модел што мислам е моментално многу актуелен во модниот свет – сив минималистички капут со скриени копчиња и високи јаки. Едиторијалот FRESH решив да го направам во урбана средина, во “street style” формат, па избрав еден дел од Битола каде што има нови градби, во кој дел од фотографиите се сликани во нив, а во дел се искористени како позадина. Истите сакав да изгледаат “природни”, па затоа повеќето имаат минимални корекции во пост-продукција-вели тој.
Стајлингот е инспириран од Бјорк и FKA Twigs. Модел е Јана Видановска, за шминката инспирирана од јапонски мотиви била задолжена Мартина Димоска, а фризурата е дело на фризерскиот салон „Бјути”.
Нема коментари