Амбиентот и естетиката од култниот филм на Стенли Кјубрик, „Пеколен портокал“, се основата на новиот едиторијал на брендот Le Brand за колекцијата пролет-лето 2015. Промотивните фотографии за линијата на етикетата , зад која стои битолската дизајнерка Лили Кадинска, ги изработи младиот и талентиран фотограф Владимир Видановски.
-Концептот на фотосесијата со назив „Молоко е целосно усогласен со приказната која се преплетува во самата колекција која премиерно беше претставена на есенското издание на Моден викенд-Скопје. Минимализмот и естетиката на „Пеколен портокал“ на Кјубрик се главните инспиративни моменти во колекцијата и во едиторијалот-вели Кадинска.
Во поп-арт сесијата главните улоги ги толкуваат моделите Ана Јанкуловска и Теодора Вржовска, а за шминката се погрижи Марија Станоевска.
Колекцијата е создадена од контрасти со суптилната употреба на геометриските елементи чија функција во случајот е главно естетска. Застапени се само четири бои, бела, портокалова, темно виолетова и црна. Доминантна е белата боја, а сите останати се тука за да ја разиграат колекцијата, да го надополнат концептот и да го создадат неопходниот комерцијален момент. Линиите се едноставни, прави и строги, одвреме навреме има по некој карнер, чија задача е да ја разигра колекцијата. Има минималистички конструктивни решенија во однос на кројот, генерално во горниот дел. Големите отвори во однос на шлицови се карактеристични за долните делови. Материјалите се цврсти, како вискоза и памук со мал процент на еластан. (А.Н.)
Нема коментари