Модното студио на познатата креаторка Лили Кадинска, „Ле Бренд“, летово во својот концепт вклучи курсеви по моделирање, кроење и шиење. На курсистите им беше овозможена обука и стекнување на доживотна вештина во областа на изработката на облека.
-Се работи за програма која што е детално разработена според претходно направено истражување и споредба со останати слични курсеви, со цел да бидеме потемелни, поефикасни и поуспешни во постигнувањето на крајните резултати. Курсот траеше два и пол месеци, беа разработени основните техники на шиење, конструкција на три базични парчиња облека, како и нивни разработки. Сите курсисти беа без претходно било какво искуство во оваа област, а резултатите се одлични. Ова е курс за базична подготовка, а кон крајот на оваа година ќе биде изработена и напредна програма, за која што веќе има интерес и која што ќе имаат можност да ја посетуваат курсисти со претходно стекнати базични познавања-вели Кадинска, која ја реализира обуката.
Дел од оваа обука беа Светлана Борисовска, Мимоза Петровска, Магдалена Петровска, Симона Димовска, Марјан Петанчевски и Марија Јовановска, чии креации, ка крајот на курсот се најдоа во моден едиторијал изработен од модниот фотограф Владимир Видановски. Соработници се моделите Климентина Патче и Наумова Илина, фризурите се на Виктор К.Десановски ,а шминката ја овозможи „Авон Македонија“. Еден дел од едиторијалот е изработен во просториите на автентичниот хотел „Театар” во Битола. (А.Н.)
Нема коментари